Жалбениот совет на Механизмот за кривични судови во Хаг го осуди на доживотен затвор првиот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ. Судијата рече дека биле потврдени сите точки од првостепената пресуда, освен неколку инциденти во пребројувањето во 20 општини.
Судскиот совет на Хашкиот трибунал во март 2016 година го осуди Караџиќ на 40 години затвор поради геноцид во Сребреница и злосторство против човештвото во Босна и Херцеговина 1992-1995 година.
Со првостепената пресуда, Караџиќ беше ослободен од обвинението по една точка – за геноцид против несрпското население во седум општини во БиХ, но беше осуден за другите 10 точки, вклучувајќи и за геноцид во Сребреница.
Со денешнава пресуда треба да е завршена правосудната постапка што практично трае од 1995 година, кога беше објавено и потврдено првичното обвинение против човекот што се смета за инспиратор и лидер на „проектот“ што доведе до масовни страдања и прогони во БиХ и резултираше со геноцидот на припадниците на војската и полицијата на босанските Срби врз муслиманите во Сребреница.