Снежните наноси низ поголемиот дел од Европа предизвикаа проблеми во сообраќајот во неколку земји. Бурата го блокираше патниот и железничкиот сообраќај, а затворени се и голем број од европските аеродроми.
Во белгиската престолнина е затворен аеродромот „Завентем“. Аеродромот вчера беше затворен поради обилни врнежи од снег. Немаше ниту полетувања ниту слетувања, соопштија аеродромските власти. Граѓаните се револтирани бидејќи им се нарушува секојдневната рутина и обврските не ги завршуваат навреме. Локалните медиуми јавуваат дека во текот на вчерашниот ден биле откажани 300 летови, а стотина пренасочени.
Во 32 области во Франција, е прогласена вонредна состојба, а поради врнежите на снег над десетици илјади домаќинства останаа без електрична енергија. Снежната бура предизвика хаос и во северниот дел на Италија. Во Германија се запрени летовите на неколку аеродроми.
Со проблеми во сообраќајот се соочуваат и Холанѓаните. Поради ниските температури, снежните наноси и голомразицата на патиштата, е издадено предупредување за „екстремна опасност“. Властите ги советуваат граѓаните да не го користат ни железничкиот сообраќај доколку не е неопходно.
Најстудено е во Турција, каде биле измерени поларни температури, особено во Анадолија, каде температурите достигнаа и до минус 26 целзиусови степени.