Генералниот секретар за цивилна заштита на Грција Јанис Капакис, денеска поднесе оставка.
Ова е четврта смена по катастрофалните пожари во кои загинаа 91 лице. Во петокот, оставка поднесе надлежниот министер за цивилна заштита на Грција, чија функција ја презеде министерот за внатрешни работи, а вчера беа сменети началниците на противпожарната служба и полицијата.
Грчките власти соопштија дека 36 лица, меѓу кои и еден малолетник и понатаму се во болница. Од нив, шест се во критична состојба.
Во катастрофалниот пожар што на 23 јули го зафати источниот дел на областа Атика, целосно изгоре 70 отсто од областа Мати. Грчката Влада започна со уривање на оградите околу дивоградбите, кои се смета дека го попречиле патот и ги оневозможиле жртвите навреме да стигнат до морето и да се спасат.
65-годишен маж беше приведен како главен осомничен за подметнување пожари во источна Атика.