Викендов на 9-ти и 10-ти декември по 4-ти пат ќе се одржи меѓународниот ревијален натпревар во параглајдерство, во дисциплината прецизно слетување „Prilep Open“. Организатор на настанот е клубот за екстремни спортови „Skyriders“ од Прилеп, според кого целта на оваа манифестација била развој на параглјадерството во нашата Општина и како идна цел достигнување на некој повисок ранг на натпревар. Инаку „Prilep Open“ е еден од најмасовните настани во парагалјдерство во Македонија
„Местото на одржување сеуште не е одредено поради временските услови. Засега за старт на натпреварот како опција се 3 локации : Крушево, Трескавец и Топташ. Годинава натпреварот се одржува во декември бидејќи овој месец нашиот клуб одбележува 25 години од своето постоење. Со истиот натпревар ќе го одбележиме и нашиот јубилеј и ќе доделиме благодарници и дипломи на заслужни членови на клубот. Од наредната година натпреварот сигурно ќе биде во категоријата ФАИ 2 со можност да биде и Светски куп. Прилеп и Пелагонија се регион кој овозможува најдобри услови во Македонија за развој на параглајдерството. За разлика од минатите години овој спорт тука е веќе на високо ниво. Трескавец, Селечка планина и Крушево се особено погодни за развој на параглајдерството. Во текот на минатите години тука се одржале и натпревари од највисок ранг. Во 2018 година следува предсветско првенство во крос кантри, а во 2019 година во Крушево ќе се одржи Светското првенство во крос кантри, што е еден од највисоките натпревари кои може да ги посакаме да ни се случат“, истакна Златко Спиркоски, секретар на клубот за екстремни спортови „Skyriders“.
Од клубот „Skyriders“ велат дека во иднина очекувале параглајдерството во Прилеп и Крушево да се развива не само како спорт туку и како како спортски туризам, односно тука да доаѓаат и групи, слободни летачи, кои ќе го посетуваат овој регион. Секоја година пелагонискиот регион бил посетуван од 1.500 до 2.000 странски параглајдеристи. За уште поголем развој и промоција на овој спорт во регионот биле потребни уште некои интервенции, како изградба на пристапни патишта до неколку стартови и поставување на мерни станици.
„Во Крушево веќе се работи на проект за да се обнови стартното место и да се оплемени со повеќе содржини. Се надевам дека тој проект ќе биде завршен во текот на 2018 година. Кај нас пристапен е само стартот на Трескавец, а другите терени од каде може да се полетува како „Слива“ и „Две стени“ не се пристапни. На „Слива“ патот до стартот е пократок и со една мала интервенција би можело да се создадат услови Прилеп да добие за брзо време уште еден старт за параглајдери. Досега заедно со локалната самоуправа и УСАИД направивме еден проект со кој се обезбедија метео станици кои ги покажуваат временските услови во моментот, имаме мерење на секои 2 минути. Тоа е објавено на интернет страницата holfuy.com каде секој може да ги види временските услови. Досега вакви станици има поставено на Трескавец, Крушево и на Рибник, на ридот кај Долнени, каде што се врши обука. Тој Новоселски рид е најдоброто место за учење на параглајдеристи во поширокиот регион“, додаде Спиркоски.
Инаку за тоа колку параглајдерството е развиено во Прилеп покажува и фактот што прилепските парагалјдеристи се најдобри во дисциплината прецизно слетување и целата македонска репрезентација во последниве 15-тина години се состои само од прилепски параглајдеристи.