По петти пат, а годинава по втор, Богородица повторно благослови да ја посетам нејзината градина – Света Гора Атонска. За тоа како се стигнува тука и каква е целата процедура нема повторно да објаснувам, затоа што доста време за тоа имам посветено во моите 4 претходни репортажи од ова место. Секој што сака може да ги погледне на порталот Инфо Компас и да добиеме повеќе информации.
Годинава добивме благослов да спиеме првиот ден во бугарскиот манастир Зограф, вториот ден и за прв пат воопшто добивме дозвола за престој во манастирот Ватопед, и третиот ден престојувавме во првиот изграден манастрир на Света Гора, уште во 10 век, Великата Лавра, каде исто така како и во Зограф пред 3 години имаме преспиено една вечер.
Оваа репортажа нема да ја започнам редоследно според местата на посетување туку според она што мене ми остави најголем впечаток и се уште ми треба време да се соземам себеси и правилно да го восприемам сето тоа што го видов и почувствував во манастирот Ватопед.
Ватопед изминатиов период стана познат по тоа што од таму се донесе Чесниот појас на Богородица во Белград во Србија на кој се поклонија стотици илјади луѓе.
Ватопед е втор по хиерархија од 20-те манастири на Света Гора. Изграден во 10 век, а денес тој е еден од најубавите, најбогатите и најмоќните православни манастирски центри, не само во Света Гора, не само во Грција туку и во целото Православие. Денес тука живеат 130 монаси, манастир со најмногу монаси на Света Гора. Вистинска манастирска империја, која се протега на голема територија, со економија каква што другите манастири може само да замислат. Огромен број хектари под пластеници, се произведуваат најубавото и најдобро маслиново масло и вино во цела на Света Гора, имаат и своја козметичка линија од тревки и растенија кои тие ги собираат и прават во масти, кремови и мириси. Имаат и фарми за риби во морето, и мала бродска флота за длабоко рибарење. Само минатата недепа уловиле 1 тон туна, која дел ја користат за свои потреби, а другиот дел го продаваат. Со еден збор достоен наследник на моќната и славна Византија.
Кога пристигнавме тука Појасот на Богородица се уште беше во Белград после неколку одложувања. Бев прерадосен што за прв доаѓам тука, но од друга страна и тажен што појасот не е тука. Но кога нешто сакаш од срце тоа и ќе ти се даде. Како што кажал и самиот Христос „Сакајте и ќе ви се даде, барајте и ќе најдете, тропајте и ќе ви се отвори“.
Монахот кој што не прими во арходариконот или гостоприемната ни кажа дека вечерта после вечерната богослужба ќе се поклониме на појасот на Богородица покрај другите мошти кои ги поседува манастирот. Возбуда, збунетост и 100 прашања како ќе се поклониме на појасот кога тој е во Србија.
Имено во манастирот се чуваат уште 2 други помали делови од појасот, пресечни од него во текот на историјата и сите тие три потоа на чудесни начини повторно се враќаат во манастирот Ватопед, каде стојат до денес во посебни кивоти. Радоста за поклонот пред кивотот со појасот и другите мошти не се искажува со зброови, човек треба само да го доживее тоа.
Манастирот Ватопед е и манастир со најголем број на чудотворни икони на Богородица, дури 7. Секоја од нив си има своја приказна.
Најпочитувана е онаа Вимаритиса или Олтаритиса која се чува во олтарот. Имено некаде во 1187 година јеромонахот Сава, кој бил задолжен за одржување на олтарот забележува дека манастирот е нападната од пирати. Веднаш иконата на Богородица заедно со еден крст кој имал во себе парче од Чеснито крст на кој бил распнат Христос ги спушта во еден бунар кој се наоѓал во олтарот. Покрај иконата става и запалено кандило и го покрива бунарот со мермерна плоча. Тој е заробен од пиратите и однесен на Крит каде живее во ропство цели 70 години. Кога се враќа назад во Ватопед им кажува на монасите што се случило пред 70 години но никој не знаел за тоа. Тој пред нив ја подигнува плочата од бунарот и внатре ја виделе иконата со крстот испраавена вертикално како стои над водата, а кандилото горело цели 70 години.
Од тогаш иконата се наоѓа во олтарот на манастирот, а бидејќи денот кога е пронајдена иконата било вторник, сите 130 монаси заедничка Литургија во текот на неделата имаат само за големи празници, во недела и во вторник, токму поради овој настан.
Во другите денови монасите се делат заедно со поклониците и се служи Литургија во секој од 20-те параклиси на манастирот кои ги има во и околу конаците, а не во главната црква. Значи во еден момент само во Ватопед се служат дневно по 20 Божествени Литургии. 20 литургии на толку мал простор, само во еден манастир и тоа само себе е уникатност во светски рамки. Ние присуствуваме на литургијата во параклисот посветен на Свети Пантелејмон.
За Ватопед малку е да се зборува и 3 дена, како за тоа на пример дека таму се чува и главата на Свети Јован Златоуст, со нетленото уво, она уво кое останало нетлено и покрај векови после смртта бидејќи на него апостол Павле му зборувал што да пишува и уште многу други чуда. Би препорачал секој кој има можност да оди на Света Гора обавезно да го посети овој манастир.
Претходно, првиот ден, бевме во бугарскиот манастир Зограф посветен на Свети Ѓорѓи. Тука доаѓаме по втор, пат, првиот пат во 2023 година. Toj е основан во 919 година од тројца браќа од Охрид Мојсеј, Арон и Јован. Според преданието тие не знаеле на кого да го посветат па затоа подготвиле даска која ја оставиле во црквата и започнале да се молат на Бога според на светител да биде посветен манастирот. Необична светлина се разлеала од црквата, а кога браќата влегле таму виделе дека на даската бил саможивописан ликот на Св. Великомаченик Ѓорѓиј. Оттаму манастирот го добива и името Зограф. Ова е една од ретките саморакотворни икони, која нема човек автор, а кои што постојат во православието. Икона која е насликана од самиот Божји благослов. Тука се чува и жезлото на последниот Охридски Архиепископ Арсениј, кој по укинувањето на Архиепископијата во 1767 година, доаѓа тука, каде и умира.
Истиот ден го посетивме и манастирот Констамонит кој се наоѓа на неколку часови пешки од Зограф. Имаваме среќа што до таму одевме со автомобил, а назад со пешачење. Станува збор за доста ридест терен за кој треба добра физичка подготвеност.
Третиот или последниот ден ја посетивме Великата Лавра, местото каде започнало се. Каде што во 963 година е пдоигнат првиот манастир на Света Гора изграден од страна на Свети Атанасиј Атонски.
Иако тогаш другите монаси кои живееле тука по околните пештери се побуниле на оваа негова идеја, но блискоста со византиските цареви му погнала да го изгради велелепниот и единствен за тоа време општежителен манастир на Света Гора каде монасите започнале да живеат во братство. Потоа се донесол типик како треба да функционира еден манастир, кој типик подоцна го преземаат сите манастири кои се градат. И овој манастир има голем број мошти и реликвии пред кои се поклонивме, како металниот крст од 4 кг. кој Свети Атанасиј го носел на вратот секогаш кога служел Литургија, мошти на Свети Јован Кукузел, Свети Василиј Велики и многу многу други.
Во главниот административен центар Кареја во Протатската црква повторно се поклонивме на една од главните светињи на Света Гора. Иконата „Достојно ест“, пред која архангелот Гаврил на 11 јуни 982 година на еден монах му ја испеал песната „Достојно ест“ наменета за Богородица и му рекол од тогаш да ја практикуваат таа молитва.
Од Кареја со автобус се упативме до главното пристаниште на Света Гора, Дафне, од каде со брод се вративме во градот Уранополис. Инаку морам да искажам огромна благодарност за главниот виновник што веќе по 5-ти пат стапнуваме на ова Свето Место, а тоа е Тони Попоски, член на нашата мала група поклоници на Света Гора. Човекот кој се грижи за тоа безбедно и непречено да стигнеме тука, да бидеме сместени во манастирите и потоа безбедно и полни со благодат да се вратиме дома. Без него немаше ништо од ова да се реализира.
Како и секогаш ја напуштивме Света Гора со надеж и исчекување за што поскоро враќање тука.