ВИДЕО- Од Капелникот, преку Зафиро, се до Влатко Стефаноски и Кучешка тенија – прилепското музичко творештво собрано во уникатна поставка

Креас - готвени јадења. Новоотворена продавница во Точила на веќе познатиот прилепски бренд.
ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

Блага Петреска, Нина Спирова, култниот дует Селимова Желчески, Влатко Стефаноски, Илија Јанчулески, Коста Смилески, Пеце Атанасовски се само дел од музичките македонски великани кои се наоѓаат во витрините на оваа поставка, насловена „Роднокрајно музичко творештво“ кое се наоѓа во Завод и музеј Прилеп. Мора да потенцирам дека ова е единствената ваква поставка низ музеите во Македонија, нема да најдете вакво нешто на ниту едно друго место. Токму затоа, ние како прилепчани сме особено горди на нашите творци, нашите великани во музиката кои создавале тука со генерации. Многу повеќе што сѐ може да се најде во оваа поставка, од почетокот на 30-тите години на минатиот век па се до денес, во различни стилови на музика, ќе нѐ прошета и ќе ни раскаже кустосот и етнолог Горан Цветкоски.

Господине Цветкоски како што најавив ова е единствена ваква поставка за роднокрајно музичко творештво во Македонија, која ја имаме токму во Прилеп. Ова е најстариот дел од поставката, каде ги имаме оние македонски традиционални инструменти.

Цветкоски: Се најдуваме во роднокрајната музичка поставка во која имаме изложени предмети на познати музички дејци, но таа започна со нашето етнолошко одделение каде нашите колеги од Завод и музеј ги собрале првите инструменти, можете да видите како изгледала првата гајда, тапанот со чукало, зурлите и кавалите. Ова се инструменти кои се најдувале во етнолошкото одделение. Со самата нивна појава во нашето етнолошко депо потекнала идејата за „Роднокрајно музичко творештво“ и мислам дека имаме што да прикажеме. Ова е најновата музејска поставка во овој Завод и музеј и со гордост кажувам дека можеме и имаме со што да ја надградуваме со самото тоа што во новата календарска година, преку Заводот и музеј Прилеп, а во соработка со Министерството за култура и туризам имаме поднесено проект за проширување на оваа изложба со уште неколку витрини од познати прилепски автори, музичари. Имаме во депото уште многу, но се надевам дека гледајќи ја оваа поставка нашите прилепчани повторно ќе се јават во голем број и ќе дојдеме до уште повеќе музички имиња, познати и непознати за нашиот град. Почнувајќи од етнолошките материјали, продолжувајќи кон доајенот на македонската народна музика, Блага Петреска која последниот период доби и награда за животно дело на фестивалот „Валандово 2026“.

Последно ја направи и песната „Серенада за Прилеп“.

Цветкоски:  Така е. Сега е направена песната со Александар и со Дац и самото тоа го збогатува пиедесталот на кој прилепските музички творци се издигнале на ова ниво. Прилеп е ризница на музички автори, музички творци, продолжувајќи кон култниот дует Селимова Желчески, ова се нивните признанија, награди кои ги добивале во текот на својата кариера. Знаете дека животот го поминале во Белград и не случајно се овие златна и сребрена плоча во Србија. Потоа продолжуваме до витрината во која КУД „Мирче Ацев“ од Прилеп, едно од најпознатите, почнувајќи од 1945 година под раководство на „Тутунски комбинат Прилеп“, сите нивни награди и признанија каде учествувале на многу меѓународни манифестации и го промовирале македонскиот фолклор и култура се овде во оваа витрина. Во другата витрина е облеката и наградите кои ги добивал доајенот на македонската изворна песна и инструменталист, најпознатиот гајдаџија во Македонија, Пеце Атанасовски. Ги имаме доајените почнувајќи од основачот и пејач на радио Прилеп, Гога Зафироски, го имаме Благоја Стојкоски, еден од основачите на сите блех музики после 1930 година, во сите тогашни претпријатија основал музички групи и хорови.

Познат како Капелникот.

Цветкоски: Точно, познат како Благоја Стојкоски – Капелникот. Негов наследник понатаму е господинот Илија Јанчулески, нашиот диригент, сите во 60-тите, 70-тите и 80-тите години го знаат како најпознатиот диригент на градскиот оркестар кој тоа во време во Прилеп постоел.

Да, тој е и наставник во музичкото училиште.

Цветкоски: Завршуваме со една друга витрина во која го имаме најпознатиот прилепски флејтист и композитор Коста Смилески, вработен тогаш во Македонската радио телевизија. Тоа е што се однесува на македонската народна музика. Но да не бидеме само на народната музика, имаме и витрина во која ги величаме и ги имаме нивните работи и од прилепските музички групи кои во тоа време делувале со забавна, поп и блуз музика, почнувајќи од Ристо Бомбата и Кучешка тенија, преку Бен Хур, како и Кросроад Блуз Бенд со за жал сега починатиот Саше, тука е неговата оригинална усна хармоника по која беше познат. Од другата страна на витрината ја имаме доајенката на секаква македонска музика, од народна, до поп музика, Нина Спирова, каде ги иаме сите нејзини плочи.

Карактеристично, сите овие што ги набројав се моментално добитници на Третоноемвриската награда на град Прилеп како заслужни граѓани за овој дел од животот на нашиот град. Но, Прилеп отсекогаш бил познат и создал богата музичка дејност и затоа велиме дека нема друга музичка поставка во која е вметнато делото, наградите и животниот пат на сите овие музички дејци. Јас се надевам дека ќе продолжиме со ова, овие не се единствените, има многу и можам да кажам дека за да го зачуваме културниот идентитет, да го зачуваме културното музичко творештво во нашиот град, нашата околина , треба сите да се одважиме и сите дела овде да ги презентираме. Музејот ја имаа таа функција. Јас сум благодарен на сите досегашни донатори, или покровители, да имаат сите посебна витрина за да не го заборавиме нивниот жар и желба да донираат и да донесат во овој музеј од нивните браќа, сестри, родители, за нивниот животен пат.

Ви благодарам за претставувањето на целата оваа поставка, а она што би сакал да го кажам е дека ние успеавме да обезбедиме дел од потомците на овие музички великани кои се наоѓаат тука во Заводот и музеј Прилеп. Да погледнеме што се разговаравме со нив околу ликот и делото на нивните предци.

Ова е првата витрина која ќе ве пречека кога ќе влезете во поставката на „Роднокрајно музичко творештво“ во музејот во Прилеп. А токму тука е и нашиот легендарен флејтист, Коста Смилески. Многу повеќе за неговиот лик и дело ќе ни каже Васко Смилески, неговиот син кој е тука денес со нас. Васко, емоциите сигурно се големи кога стоите пред ликот и делото на вашиот татко, еден голем музички великан, не само прилепски, туку и македонски, кој постигнал многу во македонската и југословенската музика.

Смилески: Стоиме пред музичката поставка за мојот родител Коста Смилески. Тој е роден 1939 година, на 11 март и своето образование го почнал во нижото основно училиште во Прилеп, каде при една случајна средба со тогашниот доајен Властимир Николовски, му предложил да се запише во музичкото училиште во Скопје, бидејќи го открил неговиот талент. Тоа било некаде во 50-тите години во минатиот век и оттука почнува неговиот животен пат во музичките води. Мојот родител, Коста Смилески, во 60-тите години го завршува средното музичко образование, се запишува на музичката академија во Скопје и каде е еден од првенците на генерацијата. Потоа својот животен пат го трасира во музичките води во тоа време со сите музички легенди, меѓу кои Кочо Петроски, Блага Петреска, Никола Бадев и ред други, како и со сите прилепчани во тоа време кое било музички расадник на секакви таленти. Мојот родител е добитник на доста награди во бивша Југославија, каде првата награда му е од Југотон во Загреб, Хрватска. Неговиот животен пат се сменил во 1984 година кога се случува една голема трагедија во нашето семејство и се враќа во својот роден град Прилеп, каде предава во музичкото училиште во Прилеп, од каде оди во пензија и на 24.11.1995 згаснува неговиот живот по тешка болест.

За сите оние што не знаат, Коста Смилески е и дел од Македонскиот народен оркестар кој работи при Македонската телевизија, има работено во Македонска опера и балет, има компонирано и е мелограф, автор и аранжер на огромен број македонски хитови кои во тоа време ги пејат најпознатите музичари.

Смилески: Да, ги компонирал Зајачко оро, музика и аранжман на познатата песна на која е исполнител Јонче Христоски „Ај засвирете ми чалгии“…

Она што може да се каже е дека постхумно е добитник на највисокото признание на град Прилеп, а тоа е Третоноемвриската награда.

Смилески: Третоноемвриската награда ја доби 2008 или 2009 година, а минатата година беше поставена ѕвезда на патеката на славните прилепчани на Арт плоштадот во Прилеп, каде мислам навистина покрај мојот татко има уште многу прилепчани кои заслужуваат. Се надевам дека таа традиција ќе продолжи во нашиот град, бидејќи треба да се сеќаваме и да негуваме сѐ што е наше македонско и прилепско, за помладите генерации да знаат од каде потекнуваме музички.

Ова е витрината посветена на Благоја Стојкоски – Капелникот. Тоа е човекот кој во 1930 година го формира градскиот прилепски оркестар и е негов диригент, или како што претходно се нарекувало капелник. Многу повеќе за тоа кој е Благоја Стојкоски, што правел и кои се неговите дела ќе ни каже неговата ќерка Вера Стојкоска, која денес е тука со нас пред оваа поставка која буди навистина големи емоции, големи сеќавања и нѐ враќа во минатото на Прилеп пред околу 100 години.

Стојкоска: Пред сѐ да се заблагодарам на сите вработени во музејот кои излегоа во пресрет на моето барање за мојот татко Благоја Стојкоски – Капелникот, или како денес го викаат диригент. Роден е 1912 година, а починал 2000 година. Првиот оркестар го формира во ?????? музичкото училиште каде ги научил и нотите и првите дувачки инструменти. Тие инструменти татко ми ги купувал од ???? и Опатија и така го формирал блех дувачкиот оркестар кој работел во просториите на ДТБ Партизан, или Соколаната. Потоа во 1950 година го формирал музичкото училиште заедно со прилепскиот композитор Власимир Николоски, Панче Шабаноски и ред други. Кога се држеле пробите формирал и уште 2 оркестри тамбурашки, едниот при Тутунскиот комбинат во Прилеп, другиот при чевларското здружение Борка Чопела. Настапувал на разни свечености, приредби, погреби, бил на погребот на Ченто, на сите гроздобери, а единствен бил кој во 1959 година настапил на слетот во Белград на претседателот Тито. Доставив и барање на биде поставено неговото име и презиме на Патеката на Славните, на Арт плоштадот пред Марко Цепенков.

Кога ќе ја погледнете оваа витрина, какви емоции се будат кај вас, какви спомени за вашиот татко, за музиката која се твореше во тоа време? Како изгледаше тој градски оркестар?

Стојкоска: Да ви кажам, дека тука во близина седевме, постојано одев и ги слушав пробите, а тука се одржуваа и игранки. Така се бидеа чувствата да играм и да пеам и така почнав јас да одам на музичко и да свирам на пијано, а моите двајца браќа, едниот свиреше на кларинет, другиот на труба и тие беа исто во тој оркестар. Се менуваа многу музичари, во тоа време имаше и ударни инструменти како чинели, тапан, а на чинели тропаше вујкото од композиторот Кире Костов. Сите овие фотографии кои ги собирав 60-70 години ги доставив овде за да ги види нашиот народ, светот да ја слушни нашата музика дека постоела.

Прилеп значи имаше еден оркестар кој се занимаваше со музика за разни свечености, приредби, свадби и погреби.

Стојкоска: Разни свечености, свадби, гроздобери, погреби, дури и погребот на Ченто и сите тие фотографии ги доставив, како и слетот на другарот Тито во Белград во 1959 година.

Се наоѓаме пред витрината на еден од прилепските мултидисциплинарни уметници кој бил пејач, водител, спортски коментатор и уште многу други работи, а тоа е Гога Зафироски. Со нас тука е Павлина Зафироска Чочкова, неговата ќерка која ќе ни раскаже дел за неговиот лик и дело и за тоа кој е Гога Зафироски. Госпоѓа Павлина, многу е интересно она кога старите прилепчани ќе кажеле „кажа Зафиро“ и тоа било не само закон, туку Устав, да кажеме така по прилепски. Кога Зафирот ќе кажел, тоа било така како што е.

Зафироска Чочкова: Има една случка која многу често низ постарите граѓани се слушаше. Кажуваа дека едно време го натерале да кажува за временската прогноза и тој кажал дека времето ќе врне, а дента било сончево. Така да прилепчани сите скелиња си ги собрале на кои го сушеле тутунот, но не заврнало. Го прашале зошто така направивте, тешки се скелињата? Тој рекол јас така не кажав, пренесов само тоа што ми кажаа. „Леле Гога многу ме измачивте“ му рекол некој. Ги прашал „а вие зошто ги собиравте“? „Па нели ти кажа“ му одговориле. Тоа докажува дека народот сѐ верувал што ќе се кажеше на радио Прилеп.

Токму така, имаа голема доверба во медиумите, а посебно во таквите авторитети каков што беше вашиот татко.

Зафироска Чочкова: Секој малку познат човек ширум Македонија доаѓаше и одеше прво во радио станицата, па каде и да оди потоа. Радио станицата пронајде многу пејачи кои сега се познати, свирачи кои во живо ги изведуваа емисиите.

Сум слушнал и за една доста така интересна случка за вашиот татко, а тоа е кога работел во Тутунскиот комбинат во Прилеп, станува збор за време на Втората светска војна, кога германските војници тука го натерале да ја испее „Лили Марлен“. Тој ја пее со македонски зборови, но на хумористичен и шеговит начин. Откако дознале што пеел, дека било на нивна шега, тој бил однесен во прилепскиот „Участак“.

Зафироска Чочкова: Да, во „Участакот“ е однесен, таму бил доста мачен, последица му беше од тоа што му ги врзувале рацете и нозете назад на грбот, заради исмевањето на тогашната германска химна, долги години имаше последица на нозете после таа случка. Но не се каеше.

Сигурен сум дека не се каел за тоа и тоа е едно дело за поздравување. Што ви остава најголем впечаток, што е во најголемо сеќавање од тоа време?

Зафироска Чочкова: Во тоа време доаѓаа од Скопје, еден Антонов, познат спикер и директорот на телевизија Скопје кога ја пуштија 1963 година и го викаа да оди таму за да биде спикер на телевизија и радио Скопје. Но, по обичај, им рече дека никогаш нема да го напушти Прилеп, дека ќе живее тука, ќе остари тука и дека неговите деца можеби ќе останат тука. Оттогаш остана таа изрека дека „побрзо Градскиот саат ќе се помести од местото, отколку јас да го напуштам Прилеп“. Таков беше, голема љубов имаше према градот, ги сакаше луѓето, беше неизмерно чесен и кај него зборот беше збор. Не само што велеа што ќе каже Зафиро на радио, туку велеа и ако ти вети Зафиро, тој беше и одборник едно време и кога ќе станевме многу пати луѓе го чекаа и пред порта за да им заврши работа како одборник и и тие истото го велеа, ако Зафиро ви ветил, ќе ја заврши работата. Беше еден од ретко чесните луѓе во Прилеп.

Таквите доблести за жал се поретко ги има во Прилеп, кога зборот е навистина збор.

Зафироска Чочкова: Точно така, се веруваше на зборот, а не на лажни ветувања.

Сашо Зафироски, син на Гога Зафироски. Како што кажа вашата сестра претходно, побрзо Саатот ќе се преместеше од Прилеп, отколку Гога Зафирот да замине од Прилеп, кого најмногу го сакаше. Токму затоа и денес, како благодарност за сето тоа, Саатот ја свири химната на Прилеп, насловена „Песна за Прилеп“, текст кој го напишавте токму вие за вашиот татко, а потоа да ја препее една од најпознатите прилепски песни.

Зафироски: Да, точно така. Татко ми никогаш не замина од Прилеп, бидејќи навистина многу го сакаше Прилеп, меѓутоа ниту Прилеп никогаш не замина од неговото срце. Песната за Прилеп се роди многу одамна, тоа беше пред преку 30 години, татко ми носел носталгија околу тој проблем, со голема тага констатирал дека скоро сите поголеми градови во Македонија имаат своја песна, а Прилеп нема. Така падна таа идеја, јас ја напишав песната, музиката ја напиша господинот Душко Темелкоски, а аранжманот го правеше господинот Џорлев. Таа песна беше општо прифатена во Прилеп, сите ја прифатија.

Пред десетина години, на предлог на Диме Чучуро, Бог да го прости, кој го одржуваше Градскиот саат долги години, во согласност со градските татковци се договорија секој ден точно во 12 часот таа песна да се пушта од висина на Градскиот Саат, да ја слуша целиот град. И така таа стана химна на градот, инаку е напишана многу одамна, 1994 година.

Од ваша страна?

Зафироски: Јас ја напишав, да, еве мојата маленкост.

Но исто така и вие сигурно сте имале и сѐ уште имате голема љубов за Прилеп, затоа што навистина зборовите се напишани со голема емоција.

Зафироски: Јас исто така го сакам Прилеп, за разлика од татко ми јас повеќе пати сум го напуштал Прилеп. Средно училиште и факултет завршив во Загреб, живеев и работев во Скопје во „Нова Македонија“, но секогаш се враќав во Прилеп. Знаете, Прилеп е многу специфичен град, многу е тешко да го засакаш, но уште потешко да го заборавиш.

Исто така има една интересна случка со вашиот татко токму околу ова напуштање, или негово ненапуштање, кога пеел пред македонските Евреи во Израел, сопственикот на хотелот „Шератон“ му доставил бланко чек сам да си ја напише сумата да остане таму и да пее, но тој рекол „не, јас никогаш не го напуштам градот“.

Зафироски: Да, тоа е точно. Знаете мојот татко никогаш не се занимаваше професионално со музика, неговата професија беше спикер, иако еден период тој работеше многу работи истовремено. Значи основач е на радио станицата во Прилеп, беше нејзин прв директор, потоа беше спикер, пејач, па конферансие, па спортски коментатор, а во еден период беше и матичар, така да таа случка е точна, иако ние децата малку и му се лутевме, сепак не е мала таа работа во Ерусалим во елитен хотел да пеете година дена и бланко чек некој да ви даде за вие сами да си ја напишете цифрата. Но тоа беше татко ми, тој беше исклучително скромен човек, иако на некој начин беше и идентитет на градот. Татко ми беше филантроп, алтруист, мецена беше, низ Центарот за печат и радио поминуваа сите академски граѓани на Прилеп, од сите области. Јас би рекол левент, татко ми беше вистински левент… и духовен левент!

Која е пораката која што ќе ја упатите до младите генерации, до младите прилепчани, имајќи го во план сето тоа животно искуство, но и дело на вашиот родител?

Зафироски: Она кога зборувавме за „Зафиро кажа“, зошто се идентификуваат многу генерации со татко ми? Тие пораснаа со зборот и песните на татко ми, кога татко ми зборуваше тие тоа исклучиво го сметаа дека само тоа е вистина и ништо друго, „Зафиро кажа“ и тоа е крај, за нив значеше дека не постои подалеку ништо од тоа. Тоа е многу силна реченица, затоа што во таа една и единствена реченица е сублимирана сета вистина за искажаниот збор во Прилеп. Често беше наградуван, имаше плакети, признанија, дипломи, други награди, но најдраги од сите тие награди му беа Третоноемвриската награда и уште подрага му беше указот од претседателството на Југославија, тој доби Орден со сребрена ѕвезда за заслуги за народ, тоа беше голема работа, ретко кој добиваше таква награда. Сега пред неколку години, Прилеп фест, значи раководството на фестивалот Прилеп фест му додели една убава награда за животно дело на татко ми за афирмација на македонската песна и македонскиот збор. Татко ми сѐ што имаше му остави на Прилеп, бидејќи многу го сакаше, му го остави својот живот, му го остави својот збор, му ја остави својата песна, му го остави своето срце. Се роди во Прилеп и умре во Прилеп, никогаш не го напушташе Прилеп. Генерации и генерации пораснаа со Гога Зафиро.

Ова е делот каде се наоѓаат поставките на музичарите од поновата генерација од Прилеп. Еден од нив е и Борче Шабаноски кој е дел од две култни прилепски групи, а тоа се Ристо Бомбата и Кучешка тенија, а потоа и Бен Хур. Практично овој дел е наменет за тие 2 групи. Борче кога ќе застанеш пред овие експонати што се изложени тука, какви спомени ти нуди овој дел за едно минато време од почетокот на 90-тите години кога се осамостојуваше Македонија?

Шабаноски: Искрено ме враќа во за мене некои најубави времиња, кога сме почнувале да работиме во областа на музиката. Овде сега приметувам еден недостаток, претходник на Ристо Бомбата и Кучешка тенија и на Бен Хур беше групата Гарда. Штета што овде немаме изложено, макар што групата Гарда имавме издадено само демо касета и демо синглови, немавме доволно материјали да ги изложиме. Таа беше формирана 1985 година, заедно со Кристијан Габроски настапувавме на првиот рок фестивал во Скопје, а реално почнавме да функционираме јас, Кристијан, Валентино Лауцоски и тапанар имавме од Пула од 1988 до 1993 година, настапувавме 5 години на рок фестивалите во Скопје. Од 1993 година ја создадовме Ристо Бомбата и Кучешка тенија. Причина беше еден наш инает, затоа што ние како провинцијалци што викаат скопјани никогаш не можевме да одиме напред затоа што секогаш мораше од Македонија претставници на Зајачарската гитаријада или во Суботица да оди Архангел или било кој и ние секогаш бевме во втор план. Во еден момент решивме да престанеме да се занимаваме со квалитетна музика, рековме сега ќе почнеме да се смееме. Ни беше експериментален проект Ристо Бомбата и Куческа тенија, но и самите се изненадивме како сето тоа успеа и како тоа неочекувано помина. Тоа се случи крајот на 1992, а функциониравме 1993 и 1994 година. Издадовме 2 албуми и една макси касета, тука се изложени албумот „Има ли тесна“, во тоа време носач на звук беа исклучиво само касети. Крајот на 1995 го издадовме стрипот „Ристо Бомбата и Кучешка тенија“ во епизодата „Жаклина“, а пропратно тука беше и касетата „Елко, елко“, со синглот „Дончо“.

Од каде доаѓаше таа инспирација за едни вакви невообичаени песни, кои на еден начин беа и контроверзни за дел од граѓанството кое ги слушна во тоа време?

Шабаноски: Да, на почетокот заради тоа што имаше една безобразна жичка во текстовите бевме доста лимитирани од медиумите, и приватните телевизии, но посебно Македонската радио телевизија, така да моравме да менуваме некои зборчиња во текстовите, но сето тоа помина многу интересно, а идејата беше некое продолжение на стилот на Рамбо Амадеус. Беше од прилика таа бранша, но адаптирана за македонски услови, нормално со моите рокерски гитари.

Кога би ве прашал 3 песни да издвоите од Кучешка тенија?

Шабаноски: Многу песни има, прва која неочекувано успеа беше „Има ли тесна“ на Ристо Бомбата, ти си тата мата, понатаму големи хитови беа „Дојди ти“, таа беше носечка песна на албумот, „Многу се дујаш“ итн., тоа беа од првиот албум. „Елко, елко“ беше новогодишниот хит на крајот од 1994 кога направивме голем концерт во салата „Кале“ во Скопје, пред 4.000 посетители, а истата година го издадовме и албумот „Кој се плаши од волкот лош“, со кој имавме доста хитови како „Пица“, „Тарзан“, „Педро“ итн.

Продолжувате со групата Бен Хур која е исто така една прилепска култна група и чии хитови се уште ги пеат младите.

Шабаноски: Ристо Бомбата постоеше некаде до крајот на 1994 и почетокот на 1995 година. Бидејќи Дуле беше Ристо Бомбата и Кучешка тенија и правевме жива турнеја, беше дел од живата група, свиреше на синстисајзер заедно со Чеде од Ареа на бас гитара и Ерол од Скопје. Решивме со Дуле да направиме друг стил, малку да се изрокериме, да не биде на оној поп-рап и снимивме експериментално „Секс, пиво и рок ен рол“. Снимивме и спот во студиото на телевизија Прилеп и таа песна помина неочекувано добро, многу интересна, сакавме да се доближиме до стилот на Психомодо Поп и Парти Брејкерс. Во тој момент донесовме одлука Ристо Бомбата и Кучешка тенија да престане да функционира и природно јас и Дуле решивме да продолжиме да снимаме. Ги снимивме следните синглови „Пијана и убава жена“, потоа следуваше албумот „Секс, пиво и рок ен рол“ како нашата прва песна. Доста вртени беа преработки на 2 руски изворни песни, а нашиот текст беше „Весела песна“ и баш така весело помина и целиот албум, доста концерти правевме низ дискотеките низ Македонија. Продолживме да издаваме синглови, следен сингл ни беше „Ноќна мора“, а по неколку години решивме да земеме друг пејач, во 2003 наш пејач стана Игор Јагуриноски и со него ја снимивме песната „Сѐ ми е сеедно“, која исто така добро помина. Таа беше пак рокерски стил, потсетуваше на стилот на Рибља чорба, со неа настапивме и на „Охрид фест“. Во 2004-та и 2005-та јас Дуле и Игор настапувавме како Бен Хур со сингловите „Икона“ и „Најмила“, а по речиси 10 годишна пауза, во 2015 година ја снимивме нашата за мене најмила песна „Ова време е за нас“, таа баш тежок рок песна, а направивме и интересен спот кај Слонот, кај Маркови Кули.

Денес Бен Хур и таа група не постои или повремено се собирате?

Шабаноски: Од време на време се собираме, со Дуле разговаравме можно е оваа година да снимиме нова песна, но за тоа понатаму.

Се надеваме дека ќе снимите, сите ние како прилепчани очекуваме да имате еден нов хит.

Шабаноски: Сигурно!

Поставката за „Роднокрајно музичко творештво“ е вистинска гордост за Прилеп“, сите се надеваат дека таа во иднина ќе се зголемува и проширува, а сите оние кои што не ја посетиле, да дојдат тука и да се потсетат на минатото, на својата младост, на првите љубови, на забавите, моментите кога оваа музика претставувала значаен дел од нивниот живот.

Ова видео е дел од рубриката Збор 2 на порталот Инфо Компас поддржано од Министерството за култура и туризам во програмата од Национален интерес во културата за 2026 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Креас - готвени јадења. Новоотворена продавница во Точила на веќе познатиот прилепски бренд.
ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци