ВИДЕО- Со изим на Султанот се гради Стара црква во Прилеп, а додека се градела ја чува стража од Цариград

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци

1838 година засекогаш ќе остане врежана во историјата на Прилеп и на генерациите кои доаѓаат потоа, бидејќи во таа година е изграден овој велелепен храм позади мене, односно црквата Свето Благовештение, или кај народот позната и како Стара Црква. Ова е првата црква во денешен модерен Прилеп. Изградена е после долги години на различни перипетии и напори од страна на прилепските еснафи, прилепските првенци, прилепските трговци кои за да ја изградат оваа црква морале изим да земат дури од Цариград, односно од Високата Порта. Практично, за да се изгради овој храм морал лично ферманот да го потпише Махмуд Втори, султанот кој во тоа време управувал со Османлиската Империја. А најзаслужен за потпишување на тој ферман, или на тој документ за изградба на црквата е Аџи Христо Логотет, првенец од Прилеп. оваа црква и нејзината изградба имаат толку многу интересна историја, што според мене можеби би требало да добијат и некаква филмувана верзија за да се презентира сето тоа, но денеска јас и мојата соговорничка Мимоза Христиска, директорка на Заводот и музеј Прилеп, инаку историчар на уметност, ќе се обидеме барем малку, колку што ни дозволуваат можностите да ја презентираме пред јавноста таа приказна.

Христоска: Благодарам пред сѐ на поканата, затоа што значи многу за Прилеп да направиме една ваква приказна, затоа што нема прилепчанец кој не ја познава историјата или самата градба на која се наоѓа позади нас Стара Црква, или Свето Благовештение. Што значи Свето Благовештение, што значи Стара Црква за граѓаните на Прилеп? Да се вратиме во историјата назад, да почнеме од почетокот на 19 век кога градот опстојувал, ова не било како што го гледате сега, овде е нива, празно. Да, животот во 19 век, посебно во 30-тите години, кога христијанството почнува да расте во градот, потребата за изградба на голема, велелепна црква се зголемува. Дотогаш, граѓаните во Прилеп, христијанското население одат во Варош. Нели, по преданијата кои ни се оставени дека имаме 77 цркви, постоечките цркви кои ги имаме сега, самиот град од Варош се спушта према центарот  и се зголемува потребата не само за духовноста, туку се зголемува потребата на граѓанството во самиот град затоа што почнува да се школува, почнува да излегува надвор од градот, почнува да ги добива сите аспекти на еден град на христијанско население што го има. Затоа е желбата да се изгради ваков храм. Желбата за изградбата на храмот не започнува со самата градба во 1838 година, првата иницијатива е во 1831 година, кога имаат усна дојава дека можат да ја изградат, но не на оваа локација, на друга локација во градот каде муслиманското население не дозволува да се гради и ги затрупуваат темелите. За да отпочне заедно со Аџи Христо Логотет кој е иницијаторот и затоа секогаш велиме дека тој е еден од иницијаторите за изградбата на самата црква Свето Благовештение, а што значи тоа за нас како прилепчани со кои треба да бидеме горди е затоа што тој го води еснафот на прилепчаните. Не е еснафот само со Аџи Христо Логотет, тука се сите еснафи, на тутунарите, на занаетчиите, на сиромашните луѓе.

Онаа градска класа која полека започнува да се формира.

Христоска: Точно, но не само градската класа, туку и обичниот народ сака да изгради црква со која ќе биде горд, каде ќе може да го презентира своето Христијанство кое го има во себе си. Точно напомена дека ферманот го добиваме од Султанот, но има големи недоумици што се случило со самиот ферман. Кога Аџи Христо Логотет презентира дека можеме сега да градиме, најголемиот проблем се јавува каде треба да се постави таа црква. Тука се јавува една баба Мита.

Баба Мита од Миџовци.

Христоска: Ете така, баба Мита од Миџовци е вдовица која пошла на аџилак и го добила Хаџи. После смртта на нејзиниот сопруг, таа е вдовица со 2 деца, сакала да го даде имотот и го подарила за изградба на овој велелепен храм. Се презентирала како мајка Божја, ви го давам сега местото да го изградите храмот, за сите деца во градот Прилеп да имаат место каде ќе се шири Христијанстовото, а и да се шири и понатаму. Таа е желбата на баба Мита. Значи овој храм кој го гледаме не претставува само камен, не претставува објект, претставува историја, духовност, култура на градот, затоа што ние како прилепчани треба да бидеме горди, затоа што животот на градот започнел точно со изградбата на еснафскиот град Прилеп во почетокот на 19 век. Да, 1938 е почнато со изградбата и се гради во рок до 3 години, самите мајстори молеле што побрзо да ја изградат и морале да ја спуштат да биде подолу. Знаете што е тоа, во текот на Османлиската Империја црквите мора да бидат пониски од објектите од муслиманска вероисповест.

Тоа можеме да го погледнеме кога ќе влеземе во црквата. Ова е тоа што го зборувавме претходно, пред да влеземе во храмот. Слегуваме неколку скалила, можеби метар до метар и половина од основата па се до подот.

Христоска: Сега подот што е поставен, инаку ова не е оригинален под, направени се интервенции на самата црква, а дополнително ќе ви објаснам каде е поставен оригиналниот под што е откриен. Значи од оваа позиција што сега ја гледате, уште пониска.

За колку од прилика е пониска?

Христоска: Па можам да ви кажам, дека сигурно уште 2 скалила надолу, значи уште пола метар надолу.

Кажавте дека тоа го барале муслиманите за да не биде на исто рамниште со Чарши џамијата која се наоѓа во центарот на градот.

Христоска: Секогаш мора да бидат пониски. Значи во 19 век, генерално зборувам за преродбенскиот период и за периодот во кој се наоѓа Македонија тогаш, сите цркви што се градени го имаат тоа слегување како во земјата внатре, мора да слезат со 3-4 скали да бидат пониски, никогаш не смеат да бидат повисоки од муслиманските објекти и џамиите во тој временски период.

Интересен е моментот кога влегувате во самата црква, гледате велелепност. Да, мајсторите успеале да ја вградат црквата со метро до метро и пол во длабина, а да не привлечат внимание со надворешноста на градбата. Гледате колку е едноставна самата градба надворешно.

Да, немаме куполи што се карактеристични за црквите.

Христоска: Тоа е трикорабна базилика. Целта била кога влегувате внатре во самиот објект, имате велелепност на пространост во објектот. Во долните партии е изградена од кршен камен, ги имате партиите двете во централниот брод кој е поделен со столбови. Кога влегувате во една црква, секогаш влегуваме од предната врата на црквата, не ги користиме многу страничните, затоа што  најголемиот афинитет црквата што го има и што ја издвојува од сите цркви изградени на почетокот на 30-тите години на 19 век е велелепноста на иконостасот кој го гледаме пред нас.

Она што може да се забележи и е карактеристично е дека  црквата не е фрескоживописана, но од друга страна имаме еден велелепен иконостас кој според оние податоци кои ги имаме е трет според својата вредност во Македонија, после оние иконостаси во Бигорскиот манастир и црквата Свети Спас во Скопје. Но од друга страна, за разлика од нив е најголемиот иконостас во Македонија воопшто направен, со грандиозна димензија.

Замислете да се соберат мајстори овде, тајфа на мајстори, затоа што не работи само еден човек овде. Тоа значи дека овој иконостас е осмислуван и неслучајно мијачката резбарска школа што работи, работи со детални проспекти напишани претходно кој детал каде ќе биде изрезбарен. Тоа ја претставува велелепноста на иконостасот на Благовештение, без разлика што е трет во Македонија по староста, по изведбата, тој е велелепен и по самата величина и по начинот на резбарењето. Што значи тоа? Мијаците, дебарската школа се карактеристични што никогаш не оставаат празен простор во изработувањето.

Да кажеме тука дека го резбари тајфата на Петре Филипоски Гарката и неговиот зет Станишев.

Христоска: Точно така, Димитар Станишев. Тука можете да ја видите традицијата на пренесувањето на занаетите, тој работи заедо во тајфата со Гарката, а после работи и самостојно, значи е пренесено неговото знаење. Како што до ден денес занаетите се пренесуваат во фамилијата за традиционално да се преземат. Гарката е специфичен уметник, затоа што ние кога правевме конзервација и реставрација во изминатите 6 години, секогаш најдувавме детали кои гледавме дека не се изработени од ист мајстор, затоа е тоа тајфа и тука откриваме како историчари на уметност деталите кои се изработени од Гарката, прецизноста во изработката на ликот, како и прецизноста на изработеното. Моментално крстот е изработен од друг мајстор.

Од истата тајфа?

Од тајфата, да, но од друг мајстор, затоа што техниката на изработката кога го правевме при конзервација наидовме на детали кои не се карактеристични за Гарката. Како историчари на уметност ние не го истражуваме само историскиот дел, истражуваме и техника на обработка. Велелепноста на самиот иконостас е што тој е работен во делови, не е работен тука, работен е надвор од градот во работилниците на мијаците. Поставувањето е до 40-тата година, од 40 до 45 година, има различни датуми на поставување. За да дојдете до резбата и да можете да ја поставите резбата прво се работи конструкција, таа дрвена конструкција тие ја поставуваат на панели. Самите столбови кои се поставени на внатрешната страна кои можете да ги видите во олтарот, тие се вкопани внатре, затоа што овој велелепен иконостас кој е 16 метра, не може да држи тежина, а да не е вкопан во земја за да има основа што ќе го држи. Самите тие плочи на кој е поставен, потоа на нив е поставувана резбата. Во резбата никаде немате употреба на шајка, на брут што го викаме ние, таму имате дрвени чивии со кои се поврзани резбата со основата на самиот иконостас. Дури потоа се поставени иконите, кои датираат од 1838, па се до 1842-43 година. Престолните икони се движат од 1838 до 1843 година, престолни икони ги викаме централниот дел на иконостасот.

Тоа се големите икони.

Христоска: Да, големите икони, а горе се циклусот на празничните икони. Имаме мали претстави кои можете да ги видите на долните партии, исто и нагорните, како во медаљони претставени самите светители кои се на самиот иконостас. Интересен е моментот кога ја гледате оваа претстава во самиот иконостас имате употреба на грозд, серафими.

Серафимите се ангели.

Христоска: Ангели, да. Имате употреби на листови, на лав кој го имате на владичкиот трон. Сите тие имаат симболика во христијанството. Зошто го кажуваме ова, затоа што иконостасот претставува една златна библија. Луѓето не биле толку учени, но желбата на Петре Филипоски Гарката е да преку иконостасот, преку резбата да го пренеси сето она што тие како необразовани да можат да го научат од библијата. Тоа претставува библија, златна библија ја нарекуваме ние историчарите на уметност, затоа што кога доближувате, видете ги деталите кои се обработени. Ова е длабока резба, не е плитка резба. Разликата меѓу длабоката и плитката резба, за да можеме да направиме разлика е во тоа што плитката резба е површинска, како сега што се практикува. Овде имате длабока резба, каде имате  3Д претставување на самата резба на иконостасот. Затоа кога го гледате самиот иконостас, како да се издвојува од самата површина, има длабина. Царските двери, го гледате претставување на Благовештението. Што значи благовестието, нели името на самата црква е Свето Благовештени, бидејќи благата вест од добивањето на турскиот ферман за да можеме да ја изградеме оваа црква ние како прилепчани, затоа е и осветена на 8 септември или Мала Богородица, за да може да го добие името. Тоа е блага вест, затоа што некој му дозволил на градот да изгради централна црква. Осветувањето на црквата е од Герасим, архиепископот тогашен пелагониски и тој го дава името и осветувањето на самиот ден на Светото Благовештение. Затоа и самиот храм го добива името Свето Благовештение. Благовештението значи благата вест која Богородица ја добива од архангелот Гаврил за нејзиното безгрешно зачнување за раѓањето на Исус Христос. Тоа е нели периодот кога таа наполнува 15-16 години и нејзините родители за прв пат прават Воведение на Пресвета Богородица во храмот. Имаме таква една икона, која се наоѓа во Галеријата на икони во музејот и таму е претставена Богородица заедно со своите родители и свита на девојки кои за прв пат ја внесуваат во храмот. Свештеникот ѝ се обраќа на Богородица и ѝ вели, вие сега треба да бидете мажени по тие закони кои се од тој временски период. Таа му вели, јас нема да се мажам за никој, освен за црквата. Свештеникот ѝ доделува лице со кое таа ќе опстане до 18 годишна возраст. Тогаш ја добива благата вест од архангелот Гаврил дека таа ќе биде безгрешно зачната со Исус Христос.

Спомнавте претходно дека освен овој велелепен иконостас кој не можам да претпоставам како само за 3 години се изградило вакво дело во 1838 година, сега можеби и една ЦНЦ машина нема да го сработи вака како што е сега сработено, тука го имаме и прекрасниот владички престол, кој е искрено во милиметар и до детал комплетно изработен со сите елементи кои претходно ги спомнавте, како лавовите, различни цветови, лисја, имаме тука и свештеници, монаси како фигури.

Христоска: Видете, покрај лавот, тука централниот дел го карактеризира со гулабите, со претставите на виновата лоза. Ја спомнувам неколку пати виновата лоза, значењето на виновата лоза е што Исус Христос кога се обраќа вели „Јас сум гранката на виновата лоза, а вие сте плодот и лисјата. Јас ја црпам мојата сила преку вас, а вашата верба во мене прави лозата да расти“. Тој секогаш вели дека Христијаните, луѓето се гроздот, сите сплотени заедно. Тоа сакам да кажам дека и самата црква изградена точно од сплотеноста на сите граѓани кои живееле, на еснафите кои работеле на оваа црква.

Сето овде што е направено е направено со средства, со пари, донации собирани од народот и од таа еснафска класа која се појавува во тоа време. Освен владичкиот престол, тука е и местото од каде се чита Евнагелието.

На амвонот исто и трите места да ги наречам како престол, затоа што тука имале посебно место на кој бил поставуван Аџи Христо Логотет, како посебно место дадено, бидејќи негова била иницијативата, тој одел директно до Цариград. Тој потекнувал од фамилија кои биле занаетчии, работеле со дрво.

Значи овие места, практично оваа позиција на седишта тука била наменета за Аџи Христо Логотет, човекот кој е најзаслужен  ние денес како прилепачни да го имаме овој храм. Токму затоа и добива посебно место неговата фамилија во црквата, кога доаѓаат на литургии.

Христоска: Аџи Христо Логотет е човекот кој во тој временски период ја искористува функцијата на која работи за својот татко, која излегува надвор од градот, успева да го научи и грчкиот јазик, успева да го научи и турскиот јазик, така да успева со својата трговија со која се занимава да појди до Цариград и да дојди до Султанот. Најголемата иницијатива, првата иницијатива што е направена е точно од Аџи Христо Логотет, но не се за потценување и останатите граѓани, останатите еснафи кои секако дале пари за изградба на овој велелепен храм.

Според историските податоци големо влијание тука има и Рушит Паша кој бил во оваа област и кој ете на еден начин му помага на Аџи Христо Логотет како благодарност за тоа што прилепското население не се вклучува во бунтот на албанското население кое сака да го заземе овој простор, а турската власт во тоа време ја добива таа битка.

Христоска: Секогаш тие имаат соработка, прилепските еснафи секогаш имале соработка, никогаш не работеле сами за себе си, затоа што мораш да функционираш во една заедничка средина, имале соживот во градот. Тоа се како традиционално пренесени приказни, не се пишани историски, но интересен момент е дека во изградбата учествувале сите, дури и малите деца носеле камења за да се изгради побрзо.

Секој да стави свое камче.

Христоска: Да, секој да стави свое камче во самото градење на црквата. Значи не е изградена само од еден човек, исградена е од градот и затоа има толкав респект самата црква, сите ние сме поврзани, тоа е традиција на нашиот град, на нашето постоење и треба да ја продолжиме таа традиција, никогаш да не ја оставаме. Не само како христијани, како граѓани на Прилеп треба секогаш да бидеме поврзани меѓу себе и сплотени. Интересен е моментот, при првите обиди кога почнале да ги копаат темелите, имале проблем дел од муслиманското население и пробувале да ја стопираат градбата. Аџи Христо Логотет повторно заминува за Цариград, му се обраќа на султанот дека не можат да почнат со изградбата, а му бил даден рок што е можно побрзо да се изгради за да нема проблеми. Бара дополнителна заштита и пуштена е војска која го брани самиот храм, а тоа не е случајно, затоа што при првото копање на темелите еден од мајсторите е убиен. Затоа е повикана дополнителна војска.

Практично султанот праќа дополнителна заштита за да се изгради овој храм.

Христоска: Значи на самиот почеток, при копањето на темелите имале проблем, го убиваат мајсторот кој работел и градбата застанува. Затоа Лототет оди директно во Цариград и се обраќа дека не може да ја изгради црквата, иако е даден ферман и дека мора да има дополнителна заштита за луѓето кои работат.

Ферманот е добиен 1835, 1838 година веќе го имаме овој велелепен храм, храм со навистина интересна архитектура, сите овие икони, иконостасот… за 3 години ова што се постигнало тогаш пред 180 години, во денешно време не можеме да го постигнеме. Така да навистина сум восхитен како прилепчанец и премногу горд на ова што го имаме. Мислам дека не само прилепчани, туку и цела Македонија, па и надвор од неа, овој објект треба многу повеќе да се афирмира, презентира и сите да дознаат какво културно наследство ни оставиле нашите предци и како се бореле истото да го добијат, а ние пак, нашиот аманет би требало да биде да го зачуваме понатаму.

Христоска: 6 години од изготвувањето на основниот проект се работи на иконостасот. Оваа година, 2026 година, направивме комплетно конструктивно зајакнување на самиот иконостас, конзервација и реставраци. Зборувам на иконостасот како дрвена основа, без движното културно наследство, односно иконите. Тие се нарекуваат движно културно наследство по намена, затоа што се поставени на иконостасот. Движноста ја добива по намена, тие што се на ѕидовите се движно, а тие што се поставени на иконостасот се престолни икони и тие имаат поинаков статус во заштитата на културното наследство. Видовте дека се работи веќе на позлатата на царските двери, остана уште да ги позлатиме во текот на 2026 година и се надевам дека ќе присуствувате на нашето генерално отворање и сечење на црвената лента за да презентираме што сработивме ние како конзерватори. Ние како историчари на уметност и како Завод и музеј, не е нашата работа само да го евидентираме културното наследство, треба и да се грижиме за него. Тоа е целата суштина на заштитата на културното наследство, колку што можеме по Законот за заштита на културно наследство да ја задржиме автентичноста, без разлика дали станува збор за движно или недвижно културно наследство. Ова е недвижно, нормално, бидејќи е поставено фиксно. При конзервацијата на предниот дел откривме дека рамките горе, гледате како се црвени, ние не ја направивме црвената боја, ја отривме со конзервацијата дека биле поставени црвените рамки. исто така има позлата на дел на производите во олтарот, каде ја имаме откриено оригиналната позлата на самите рамки каде се поставени престолните икони.

Најинтересен момент, бидејќи во почетокот разговаравме за основата, при конзервацијата кога се правеше мораше да слезиме под темелите, под самиот иконостас, се направија отвори во предниот и задниот дел, каде го откривме оригиналниот под на самата црква.

Значи ова е подот од 1838 година. Ова се дверите кои се користат како помошни.

Таа не ја употребуваат, затоа го оставивме вака, од горе ќе има поплочување со стаклена површина со осветлување за да се знае, веќе се изготвува за да биде стабилно за во случај луѓе да стапнат, за да не се направи оштетување или повреда.

Би сакала да споменам еден елемент во кој се претставени старозаветни сцени во долните партии, иконите кои ги гледате овде неслучајно се поставени. Секоја една престолна икона која се поставува на иконостасот има своја приказна. Царските двери како што ви кажав секогаш се благовештението, од едната страна е пресвета Богородица, од другата страна го имате Исус Христос, Јован Крстител и осветувањето. Кога ги гледате натписите, може да видите кој ги изготвил, дали се подарени, а многу икони тука во црквата се подарени од  страна на еснафите.

Под секоја икона стои која фамилија ја подарила.

Христоска: Точно. Еве таа е црква, ова е воскресение Лазарево, Тајната вечера е 1859 година. Да направам една паралела на целиот овој наш разговор. Заштитата и традицијата, познавањето на културното наследство и почитувањето на самите себе си како прилепчани и како Македонци, посебно за Прилеп бидејќи Благовештение е наша стара црква, затоа ја викаме и Стара Црква, значењето е дека секогаш треба да се грижиме за сето она што ни го оставиле нашите предци. Нашата цел не е да го уништиме, нашата цел е да продолжиме да живееме со него, да ни биде потсетник дека нашите предци оставиле нешто со кое ние треба да бидеме горди и да се гордееме со она што го имаме. Како Национална установа Завод за заштита на спомениците ние продолжуваме со работа во самата црква, не запираме со иконостасот, продолжуваме и се изработува валоризација на самиот објект, тековно во 2026, за потоа да можеме да изработиме основен проект за конзервација на фескосликарството кое го имаме во храмот, кое се наоѓа во олтарот. Сликарство овде има само во олтарот, не може да се освети една црква ако нема фрескоживопис на олтарниот дел. Исто треба да се изработи конзервација на целото движно културно наследство и на деловите каде има поставена резба на горниот дел, заедно со Исус Христос.

Сега оваа црква е споменик на културата заштитен со закон?

Христоска: Сега се изработува црквата да има единствен матичен број, затоа што сега таа е „екс леги“, што значи дека покрај иконостасот кој е посебно заштитено добро, црквата има посебен закон за заштита. Сега изготвуваме да влези на ист ранг со иконостасот.

Практично да биде заштитен целиот објект?

Христоска: Иконите си влегуваат на посебна ставка бидејќи се движно културно наследство, со единствен матичен број е иконостасот, а сега и комплетно целиот објект.

Ова видео е дел од рубриката Збор 2 на порталот Инфо Компас поддржано од Министерството за култура и туризам во програмата од Национален интерес во културата за 2026 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци