Денес тука со нас е Марија Матеска, добитникот на второто место на настанот „Пич сцена Прилеп“, кој пред неколку денови се организираше во Општина Прилеп, настан кој беше поврзан со младинското учество во бизнисот. Вие претставивте една интересна идеја, дигитален градски часовник, со што на еден начин го привлековте вниманието на бизнис секторот и на здружението „Ген вајб“ и Регионалната стопанска комора, под чие покровителство и се одржуваше овој настан.
Пред се честитки за освоеното второ место и за вашата интересна идеја која ја претставивте пред нив, а тоа е градски дигитален часовник.
Матеска: Благодарам многу, искрено баш сум задоволна со тоа дека жири комисијата ја препозна мојата идеја и ме награди со ова второ место. Да, станува збор за градски информативен дигитален часовник. Морам да напоменам дека оваа идеја првенствено ја имав уште пред неколку години кога бев помала, само како идеја, но конкретно за „Пич сцена Прилеп“ успеав да ја разработам и развијам со цел истата да ја презентирам на говорница, т.е. јавно пред жири комисијата.
Во овој момент се наоѓаме на плоштадот Александрија, локацијата за ова интервју ја одбравме затоа што вашата идеја е некаде во центарот на градот да биде поставен тој дигитален градски часовник, кој ќе има повеќе функции како што можевме да слушнеме.
Матеска: Сметам дека ова место е едно од најпривлечните места во центарот на Прилеп, воедно има и доволно простор за дигиталниот информатор да служи како еден вид симбол на нашиот град во овој дел од центарот, токму во близина на Камената бина, но и општинската зграда. Информаторот е на некој начин спој од екологија, туризам, но и технологија. Првенствената идеја ми беше токму развој на туризам, така што сите оние залутани туристи, преку кју-ар кодови би имале пристап до соодветната мапа и локациите од градот, на тој начин што ќе се информираат, но и ќе се одржува она културно наследство и истото ќе се прикажува. Воедно би служело и за самото локално население и за сите градски настани, еко акции, театарски претстави…
Значи тој би функционирал како еден вид на поголем билборд на кој што би течеле тие информативни видеа за Прилеп, за тоа што нуди на културен и на туристички план?
Матеска: Да, дефинитивно, би им служел на сите, на туристите и на локалното население. Секако ја проучував и техничката структура, кои материјали би биле соодветни за изработка, и ако понатаму доколку ваквата идеја биде прифатена од страна на Општината, истото би им го препуштиле на самите професионалци во однос на техниката.
Како е поделен тој часовник?
Матеска: Првично тој часовник на самиот екран поделен е во 3 главни зони. Сметам дека соодветно би било на горната зона да бидат прикажувани самото време и датумот. Во централната зона би се прикажувале сите оние културни споменици, доста информации и факти кои би биле интересни и за нас, некои за кои не сме слушнале ние како прилепчани. Секако во долната зона би бил поставен еден соодветен телоп кој би ги прикажувал оние локални настани кои се актуелни, и тоа месечни и неделни.
Како што кажав, ја добивте оваа втора награда. Како реагираше бизнис секторот на ова и претставниците на Општината кои исто така имаа можност да ги погледнат сите тие идеи кои беа презентирани од страна на младите?
Матеска: Со оглед на тоа дека ме наградија со второ место и ја препознаа мојата идеја, сметам дека секако и останатите учесници имаа навистина одлични идеи и тоа од различни сфери кои беа првично наведени во самата апликација за овој настан. Јас искрено сум доста оптимистички настроена и верувам дека Општината освен што го поддржа овој настан, исто така би поддржала и вистинска, реална реализација на истите.
Ви благодарам за одвоено време и за ова интервју. Еве и ние како новинарски тим да упатиме еден апел до надлежните институции, сите оние кои што ја погледнаа оваа презентација на Матеска, затоа што станува збор за едно навистина урбано и модерно решение за тоа како би изгледал еден модерен, градски информативен часовник, па се надеваме дека истиот ќе биде поставен во оваа околина во центарот на градот каде и се наоѓаме.