Шеснаесет деловни објекти се заведени со вредност од по еден денар, за стоки и услуги во 2024 година биле исплатени 2,73 милиони денари без постапка за јавна набавка, се дел од наводите на ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија за Министерството за дигитална трансформација.
Еден од највпечатливите наоди се однесува на недвижниот имот. Во вонбилансната евиденција биле заведени 16 деловни објекти со вредност од по еден денар, за кои Министерството немало комплетна документација. Ревизорите барале обезбедување на имотни листови, процена и правилно евидентирање, бидејќи вредноста по која се заведени во вонбилансната евиденција изнесува 1 денар. Проблемот бил посочуван и во претходните ревизии на Министерството за информатичко општество и администрација, но останал нерешен.
Исплатите без постапка за јавна набавка изнесуваат околу 44.400 евра, над тогаш дозволениот годишен лимит од 12.000 евра. Во дел од тендерските досиеја недостасувале и документи што потврдуваат дека се обезбедени гаранции за понудите и за квалитетно извршување на договорите.
До известувањето за ревизијата, непополнети биле 43 отсто од систематизираните работни места. Четири од десет сектори немале раководители, а во шест одделенија немало ниту еден вработен. Во 2024 година не била извршена ниту една внатрешна ревизија. ДЗР утврдил и дека имотот не бил осигуран, а обврските кон добавувачите не се заведувале навреме.
Поради недоволни и несоодветни докази, ревизорите се воздржале од мислење за финансиските извештаи, а за законската усогласеност дале мислење со резерва. Забелешката на Министерството за набавките била делумно прифатена по доставување дополнителни документи, па износот бил приспособен во конечниот извештај