Моќниот ЖРК Вардар од наредната сезона ќе има нов лик. Главните ѕвезди си заминуваат, а на нивно место ќе пристигнат нови ракометарки. Ова го потврди Гордана Нацева на денешната прес конференција пред дуелот со Будуќност во Лигата на шампионите.
„Прво што сакам да кажам е дека клубот останува максимално фокусиран на главната цел – освојување на трофејот во Лигата на шампионите. Тоа е првата работа за нас и останува цел и оваа година. Клубот од септември ќе настапува со играчи од сопствениот погон, млади ракометарки од школите на Вардар. Планираме со нив да се работи на подолг рок, да им се наметне амбиција и во иднина тие да станат дел од македонската репрезентација за ЕП во 2022 година. Тоа е мотив и предизвик за нас. Се водевеме според професионалните кодекси и на ракометарките со време им соопштивме да си бараат нови клубови. На многу од нив им завршуваат и договорите со нас. И покрај сите промени, иднината на клубот не е доведена под знак прашалник. Сите ќе го имаат истиот третман како и претходниците, односно на нив ќе биде ставен максимален фокус на работа, а исти ќе бидат и условите за работа и турнирите, за во континуитет да добијат настапи и да им растат амбициите“, изјави Нацева.
ЖРК Вардар четири сезони по ред настапува на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите, три пати беше трет, а лани ја освои вицешампионската титула. Сезонава вардарки се единствената непоразена екипа во досегашниот тек од ЛШ и амбициите се и оваа сезона, последна во овој состав, да се заврши на подиумот во Будимпешта.