Американскиот претседател Доналд Трамп го претстави буџетот за 2019 година вреден 4 илјади 400 милијарди долари, предвидувајќи буџетски дефицит од 984 милијарди долари.
Според медиумите, дефицитот може да достигне и 1.200 милијарди долари по минатонеделниот буџетски договор и издвоението 90 милијарди долари наменети за ублажување на ефектите од природните катастрофи.
Предлог-буџетот на Трамп вклучува и околу 1.500 милијарди долари за реконструкција на патишта, автопати, пристаништа и аеродроми за период од 10 години.
Планот се заснова на користење на 200 милијарди долари од федералниот буџет за поттикнување на локалната самоуправа и сојузните држави да инвестираат во инфраструктурни проекти.
Американскиот претседател во неколку наврати рече дека државните патишта и автопатишта кои „се распаѓаат“ ја кочат американската економија во нејзините напори да го оствари својот целосен потенцијал.
Поради растечките закани од Кина и Русија, Пентагон бара драстично зголемување на трошоците за војската за 2019 година, барајќи од Конгресот да одобри буџет од 686 милијарди долари. Од Министерството за одбрана сметаат дека безбедноста и просперитетот не се загрозени од тероризмот, туку од обидите на Кина и на Русија да го моделираат светот со ставање вето врз економските, дипломатските и безбедносните одлуки на другите земји. Во фокусот е и нуклеарната закана од Северна Кореја.
„Ги збогатуваме арсеналите на секое оружје. Ќе модернизираме и создадеме нова нуклеарна сила. Мораме, зашто тоа го прават и другите. Ако запрат тие, ќе запреме и ние. Но не запираат“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
За 2019 година се издвоени и 550 милиони долари за курдските сили во борбата против Исламска држава.