Првиот настап на Македонија на Зимските Олимписки игри во Пјонгчанг помина неславно. На денешните квалификации во спринт во класичен стил, Ставре Јада заврши на последната позиција.
Нашиот знаменосец го освои 79. место од 80 натпреварувачи, но еден беше дисквалификуван. Македонскиот нордиец имаше задоцнување од една минута и 15 секудни зад победникот во овие квалификации, Ристомати Хакола од Финска.
Селекторот и тренер на македонските нордијци Ѓоко Динески ни изјави дека размуслувал Јада да не настапи во спринтот која и не не негова дисциплина.
„Имаше неколку причини тој да не трча, како поради (пре)силната конкуренција, така и поради откажувањето на многумина скијачи, кои се во рангот на Јада и со кои тој може на носи на патеката. Згора на тоа, тој имаше зголемена температура, не спиеше баш најдобро ноќта пред трката што секако влијаеше на неговото трчање и на резутатот. Но како и да е, тоа беше големо искуство за младиот Јада и јас очекувам да биде многу подобар на трката на 15 км в петок“, рече Динески.
Ставре Јада уште пред да замине за Пјонгчанг најавуваше дека спринтот во класичен стил не е негова најсилна страна, и шансата за подобар резултат ќе ја бара на трката на 15 километри слободно, која ќе се вози во петок.