Најмалку 17 лица се убиени, додека над неколку десетици се ранети за време на вооружениот напад во средното училиште Стоумен Даглас на Флорида, пренесуваат американските медиуми.
Со полуавтоматска пушка АР-15, 19-годишниот Николас Круз, усмрти 12 лица во објектот, меѓу кои има и ученици. Неколкумина настрадаа и пред училиштето каде што, според полицијата, почнале пукотниците. Очевидците велат дека несудениот матурант го активирал противпожарниот аларм пред да отвори оган. Носел гас-маска, а со димни бомби ги натерал присутните да побегнат во ходникот каде што потоа лесно можел да ги бира жртвите во толпата.
Оние коишто го познавале Круз очекувале дека ќе се случел ваков инцидент бидејќи подолг период тој објавувал загрижувачки пораки и фотографии на социјалните мрежи.
Оосмничениот некогаш бил ученик на ова училиште, но поради недисциплина е избркан, рекол шерифот на округот Брауард, Скот Израел. Тој на прес-конференцијата за медиумите рекол дека сцените на лице место се ужасни и дека нема зборови да ги опише.
„Ги повикуваме сите да следат се што може да се појави на социјалните медиуми, бидејќи токму оттаму почнува нашата истрага. Детално ќа ја истражиме страницата на Круз и сите оние страници на социјалните мрежи на кој што бил активен. Тој во моментов е во притвор. Ова е уште еден ужасен ден, одвратен ден. Ми се лоши да гледам како деца кои одат на училиште, вооружени со ранци и моливи ги губат своите животи“, изјави Израел.
Според непотврдени информации во училиштето дошло до расправија меѓу ученик и напаѓачот.
„Никој не беше нервозен, мислевме дека станува збор за пожарникарна вежба, бидејќи веќе имавме една денеска. Сите почнаа да трчаат кога сфативме дека станува збор за пукање“, раскажал еден од сведоците.
Директорот на државните училишта во округот Брауард, Роберт Руни информираше дека ова училиште ќе биде затворено до крајот на неделата, а со одлука што ја донесе Гувернерот на Флорида, Рик Скот, до понеделник знамињата на сите државни институции ќе бидат на половина копје во чест на жртвите.
За случувањата во Флорида се огласил и претседателот на САД, Доналд Трамп кој преку Твитер напишал дека никој не треба да се чувствува несигурно во американските училишта и дека неговите „мисли и молитви се со жртвите и нивните семејства“.