Српска листа излегува од косовската Влада, а 10-те општини со мнозинско српско население во Косово на 20 април ќе ја формираат Заедницата на српски општини, изјави денеска претседателот на партијата Горан Ракиќ.
Тој информираше дека одлуката била донесена по консултациите со српскиот претседател Александар Вучиќ, кого постојано го информирале за вчерашните случувања во Косовска Митровица и одлуките кои се носеле.
Ракиќ ги повика Србите да не учествуваат во косовска армија.
„Немојте еден на друг да бидеме волци, немојте да бидете волци за нашите деца, српските деца“, изјави Ракиќ по средбата со Вучиќ.
Претседателот Вучиќ, од своја страна рече дека Србија нема да дозволи нов “Флеш” или “Бура”. Според српскиот претседател, сите оние кои учествувале во киднапирањето на Ѓуриќ, меѓу кои има и Срби, ќе одговараат пред српските судови. По разговорот на Вучиќ со рускиот претседател Владимир Путин, се огласи и Брисел и шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини со осуда за случувања и порака до властите на Косово и на Србија, за дијалог и воздржаност и сериозност за да не дојде до ескалација на состојбата.
Вооружени припадници на косовските специјални единици РОСА вчера влегоа во салата во Косовска Митровица, каде што се одржуваше најавениот „дијалог за Косово“ и со употреба на шок бомби и со присила го приведоа Марко Ѓуриќ.
Косовскиот претседател Хашим Тачи посочи дека косовската полиција дејствувала во согласност со законите и овластувањата при апсењето на Ѓуриќ.