Големиот шумски пожар во северна Калифорнија се шири со голема брзина и веќе зафатил над 2000 хектари, објави Ројтерс.
Според локалните медиуми, во тек е евакуација на околните населби кон кои се шири огнот, a гувернерот на сојузната држава прогласил вонредна состојба.
Пожарот „Кламатон“ избувна во четвртокот и за кратко време се проширил за пет пати, зафаќајќи површина од над 2000 хектари, соопшти калифорниското Министерство за шуми и заштита од пожари.
Засега е непознат бројот на градби и објекти уништени од пожарот, пренесоа локалните медиуми.
Ова е само еден од повеќе од 30 шумски пожари во Калифорнија и низ САД, а голема пречка во борбата на пожарникарите со огнената стихија се високите температури, ниската влажност и непредвидливите ветришта.