Претседателот на опозициската ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку видео обраќање повика на протести в недела во Каварадци, против владината политика.
Тој потенцираше дека „Нема ниту датум за преговори со ЕУ, ниту безусловна покана за НАТО, а нема затоа што имаме неспособна влада“.
„За власта зборот, не е збор, ниту делата реалност. Нема ниту датум за преговори со ЕУ, ниту безусловна покана за НАТО. А нема затоа што имаме неспособна влада. Мора да престанат поразите, а одговорот за тоа е секој еден од вас. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се бори со сите свои сили против ова зло кое што го живее секој еден граѓанин. Затоа и ќе продолжиме да протестираме и ве повикувам оваа недела во 13 часот во Кавадарци на протестен марш“, рече меѓудругото Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека претходно тогашната опозиција без колебање ги злоупотребувала семејните и личните трагедии само за да дојдат на власт, а сега откако се на власт молчат за неправдите.
„Кога доаѓаа на власт беа најгласни дека додека немало правда, немало мир, не се колебаа да ги злоупотребат семејните и другите лични трагедии. И не им беше тешко да уриваат, да уништуваат. Да деградираат цел еден систем. Отровот кој се посеа во општеството предизвика омраза, завист и нетрпеливост. Ветуваа чуда, а сега кога се на власт молчат за неправдите, ладнокрвните убиства ги третираат како статистичка евиденција во црните билтени, за владата тоа се обични насилства, а не свирепи убиства“, изјави Мицкоски.