Генералниот секретар на НАТО официјално ја потпиша и му ја врачи поканата на Зоран Заев за почеток на преговори со Алијансата, по одлуката на северноатлантските сојузници вчера во Брисел.
На заедничката прес-конференција во Брисел, Столтенберг изјави дека со таквата одлука НАТО покажало дека вратата за членство останува отворена.
„Ова е клучен пробив кој го отвори патот за полноправно членство, деталните пристапни преговори сега ќе започнат. Откако сите ваши национални процедури ќе завршат и откако ќе биде ратификувано од земјите членки ќе станете 30-та членка на НАТО со еднакво место на маса, еднаков глас во дискусиите и еднакво право на гласање во најуспешниот воен сојуз“, рече генералниот секретар по потпишувањето.
Премиерот Заев ја изрази својата благодарност до генералниот секретар.
„Ова е историска одлука за земјата и за граѓаните, признание за нашата посветена работа две децении, и за сите македонски политичари од независноста до денеска“, рече Заев.
Заев се заблагодари и до премиерите на соседните Грција и Бугарија за постигнувањето на договорите за добрососедство и додаде дека нашето членство ќе ја консолидира демократијата во регионот и ќе служи како позитивен пример во Западниот Балкан.