Станислав Петров бил на должност во центарот за рано предупредување од нуклеарна опасност во 1983 година, кога системот пријавил нуклеарни проектили упатени кон Русија од страна на САД. Одлучувајќи дека станува збор за лажна тревога, тој одлучил да не превзема никакви мерки, ниту пак да пријави за наводниот инцидент.
Неговите акции, за кои се дозна години подоцна, најверојатно спречиле нукларна војна помеѓу двете супер сили. Петров починал во неговиот дом уште во мај, но сепак за неговата смрт се известува дури сега. Во интервју за Би-Би-Си во 2003, тој ќе истакне дека во раните утрински часови на 26 септември 1983, добил отчитувања на радарот дека неколку интерконтинентални балистички ракети се истрелани од страна на САД.
„Ги имав сите информации кои наведуваа дека во моментот се случува напад. Ако го пратев извештајот до офицерите кои што се погоре во синџирот на команда, никој немаше да има било каква забелешка против. Сè што требаше да направам е да посегнам по телефонот и да се поврзам со извршните команданти, но во моментот не можев да мрдам. Се чувствував како да седам на вжештена тава.“
Иако неговата обука диктирала тој веднаш да алармира за настанатата ситуација, тој сепак одлучил да го повика офицерот на должност за да го извести дека постои дефект во системот. Доколку не бил во право, нуклеарните експлозии би се случиле за неколку минути.
„23 минути подоцна сватив дека ништо не се случува. Доколку беше реален напад, дотогаш веќе би бил известен и би знаел. Беше огромно олеснување.“
Подоцнежната истрага потврди дека сателитите погрешно ги прочитале сончевите зраци кои што се одбивале од облаците и ги замениле со моторите од интерконтиненталните балистички ракети.
Петров починал на 19 мај, меѓутоа вестите за неговата смрт се проширија дури сега и тоа благодарение на случаен телефонски повик. Германскиот режисер Карл Шумахер, кој што прв ја проби приказната за Петров до меѓународната јавност, телефонирал на 7 септември со цел да му го честита неговиот роденден. Сепак добил известување од синот на Станислав, Димитри Петров, дека неговиот татко е починат.