Кривичниот суд во Скопје, на бизнисменот и управител на фирмата „Трансмет“, Сеад Кочан му изрече затворска казна во траење од 6 години, а на второобвинетиот, Василије Авировиќ, управител на фирмата „Силекс неметали СТ“, казна затвор во траење од 3 години. Двајцата беа обвиниети во предметот „Труст“ заради малверзации и фалсификување документи при учество на тендер за ископ на јаловина и јаглен од рудникот Суводол.
Двајцата добија и забрани од три години – Кочан да биде управител или дел од управен орган на некоја фирма, а Авировиќ да потпишува договори за јавни набавки во име на друго лице.
Судот одлучи од осудените да се конфискува имот во вредност од 17 милиони евра кои ќе бидат вратени во државниот буџет.
Обвинителот на СЈО Гаврил Бубевски по пресудата рече дека во СЈО се задоволни од одлуката на судот за конфискација, бидејќи за првтпат се конфискува имот во висина на целата сума на тендерот без никакви одземања. Според Бубевски веќе се обезбедени 90 проценти од вкупната сума што треба да се конфискува во движен и недвижен имот
Третиот обвинет во истиот случај, Сафет Ватиќ е ослободен од обвинението бидејќи, како што рече судијката, неговите дејства во случајот не претставувале кривично дело.
Во „Труст“ беа обвинети и три правни и три физички лица. Станува збор за фирмите „Трансмет“ од Скопје, „Силекс“ од Кратово и „Вато“ од Студеничани.
И одбраната и СЈО имаат право на жалба на пресудата која денеска беше соопштена во Кривичниот суд.