Воведување бродски линии Охрид-Струга, повеќе кружни тури низ Охридското Езеро и културни манифестации, како и поголема промоција на природното богатство ќе ја зголемат туристичката понуда на охридско-струшката ривиера, сметаат хотелиерите.
Првиот човек на ХОТАМ Крсте Блажески вели дека доколку би имало бродска линија Охрид – Струга ќе ги поврзе двата града што ќе овозможи поголема посетеност на манифестациите, а и локалното население да го користи бродскиот транспорт.
„Има многу граѓани што работат од Охрид во Струга и обратно. Тоа ќе овозможи нормален проток на патници, но и намалување на загадувањето поради намалената фрекфенција на автомобили. Говориме за транзитирање со еко бродови, кои нема нема да го загадуваат езерото“, додаде Блажески.
Претседателот на ХОТАМ смета дека треба да има и повеќе локалитети каде што ќе застануваат бродовите во кружните тури, бидејќи, според него, Музејот на вода во Градиште предизвикува голем итерес кај туристите.
„Секој брод што поминува таму застанува и секој од гостите сака да го види, да се слика… Такви локалитети треба да има повеќе, да има културни знаменитости, природни убавини, да застанат бродовите да можат туристите да го видат и почуствуваат тоа“, вели Блажески.
Тој смета и дека треба да се промовираат повеќе рибарските населби Радожда и Трпејца.
„Ги имаме Трпејца и Радожда како најпопуларни рибарски населби, но на туристите не им го пренесуваме тоа, не ги доловуваме како такви. Мора да погледнеме подетално во понудата. За да одиме напред треба да ги следиме светските трендови.“
Потребно е, дополни, поголема ангажираност на локалните самоуправи за организирање повеќе настани и манифестации што ќе го привлечат вниманието на гостите. Треба да се работи на зголемување на понудата.
„Треба да ја гледаме големата слика, но ние сме затворени. Понудата е таа, иста, се врти во круг и секоја година го дискутираме истото. Се движиме напред, но многу бавно. Од година во година има промени, но тие се мали“, истакна претседателот на ХОТАМ Блажески.