Повеќе од 300 свештеници педофили сексуално злоупотребувале најмалку илјада деца, а Католичката црква прикривала се, покажа истрагата која ја водела канцеларијата на државниот обвинител на Пенсилванија.
„Веруваме дека вистинската бројка на злоуставувани деца е многу поголема. Веројатно се работи за илјадници луѓе, но многу жртви се плашат да излезат и да раскажат што им се случило“, стои во извештајот.
Во завршниот извештај на 900 страни изготвен од страна на поротата, на која и биле предадени заклучоците од истрагата, се наведува дека речиси сите случаи денес се застарени и не можат кривично да се гонат. Стотина од свештениците се починати. Многу други се пензионирани или се отпуштени од свештенството, или се суспендирани.
Во извештајот се зборува за сексуална злоупотреба каде некои од жртвите биле помлади од десет години.
„Свештениците силувале девојчиња и момчиња, а оние кои биле одговорни за нивно казнување не направиле ништо, дури прикривале се. Со децении, свештениците кои злоупотребувале биле заштитени“, се додава. Во извештајот, се истакнува и дека се работи за најголем извештај за сексуална злоупотреба во католичката црква во историјата на САД.
Дадени се детални описи од ужасните злоупотреби што со години се случувале во Црквата, кои датираат уште од 1947 година. Некои од жртвите прво биле алкохолизирани и потоа присилувани на сексуален однос.
„Црковните лица рутински и намерно ги опишувале злоупотребите како игра, борење и несоодветно однесување. Не се работело за ништо од ова. Се работело за сексуална злоупотреба, помеѓу останатото и силување“, изјавил Државниот јавен обвинител Џош Шапиро.
Така во Гринсбург, свештеник силувал 17-годишна девојка која потоа забременила. Тој се оженил со девојката, но по неколку месеци подоцна се развел од неа лажирајќи го потписот. Тој останал во служба на Црквата. Во Харисбург, свештеник силувал пет девојчиња од исто семејство и ја собирал нивната урина, срамни влакна и менструална крв. Во Харисбург, свештеник силувал седумгодишно девојче кое било во болница. Во Алентаун, свештеник кој силувал повеќе момчиња, добил препорака за работа во Дизни ворлд.
Пенсилванија е дом на повеќе од 3 милиони католици. Според американските медиуми Пенсилванија има најголем број на истраги на големата порота во САД за сексуално злоупотребување на деца од црковни лица. Бискупите и кардиналите воглавно биле заштитени од Црквата.