Деветмина официјално влегуваат во трката за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните избори. Се официјализираше кандидатурата на професорката Гордана Силјановска, како и на Влатко Ѓорчев, кои се во фаворитска улога.
Покрај нив, кандидати за претседател се и Никита Шекутковски – професор, Ѓорѓи Манасков – претседател на Стопанска комора за енергетика, Васко Костов – фармацевт, Илија Димовски – професор во пензија, Филип Петровски – ексдиректор на Архив, Горан Ангелов – експратеник, Сашо Кутлешовски – професор.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски рече дека на сите пријавени ќе им биде овозможен еднаков пристап до општинските комитети за да ги презентираат своите програми.
„Ние ќе го поддржиме оној кандидат што ќе победи на Конвенцијата. Затоа апелирам до сите кандидати овој период да ја покажат нивната визија, да ја покажат нивната програма, да ги освојат срцата на сите граѓани. Со тоа што они ќе го направат и тоа што следи во наредниот период се надевам дека ќе биде одлична програма за сите граѓани и тој што ќе победи на Конвенцијата треба да не сплоти и се разбира дека ова раководство но и целото членство, се разбира и сите граѓани ќе го прифатат тој кандидат кој што ќе победи. Ова е демократија и нека победи најдобриот“, вели Мисајловски.
За тоа кој ќе биде конечниот кандидат на партијата ќе одлучат делегатите на конвенцијата која е закажана за 16 февруари во Струга.