Неверување и шок ги разбуди утрово колегите на големата македонска актерка Билјана Беличанец која вчера беше пронајдена мртва во стан во Скопје. Тие со трогателни пораки на социјалните мрежи се простуваат од неа.
„Се надевам дека сега си на подобро место…
Се надевам дека таму нема да си изневерена од никого…
Се надевам дека таму ќе си прегрната од љубов која овде ти недостигаше…
Толку многу даде, а уште колку многу остана….
Тешко и за неверување маме…Ти благодарам за СЕ!
Почивај во мир Билјана Беличанец“, напиша актерката Јелена Јованова.
„Само смртта може да биде посурова од вистината! Замина една голема македонска актерка! Почивај во мир Билјана Беличанец!“, напиша актерот Роберт Вељановски.
„Билјана Беличанец беше мојот Петар Пан.
Полетна како никој од нашата бранша, леташе високо со своите улоги и оддаваше цврстина на маж, но беше кревка, како кокиче.
Замина во Недојдија…“, напиша Драган Спасов- Дац.
„Каква страшна вест ме дочека утрово. Каква трагедија. Како бе Бици, зошто?
Никогаш нема да го заборавам твојот огромен актерски талент уште од Нижото музичко училиште и смешките што редовно ни ги правеше на турнеите со хоровите на „Дом на млади 25 Мај“ и кога без ронка срам во автобус ја имитираше нашата дива Милка Ефтимова во нејзино присутво. Таков раскошен дар за уметност ретко се случува. Знаев дека таков огномет од емоции е тешко бреме, но зошто…? Зошто, зошто?“, напиша Бранка Костиќ-Марковиќ.
„Билјана Беличанец. Ретка билка со раскошен талент за цветање. Можеше да даде уште многу цутови. И сакаше. А не напушти на најтрагичниот од сите можни начини. Како вистинска античка хероина. Вечна пролет за неа и за нејзиниот редок и убав цвет.“, напиша Васил Зафирчев.
Беличанец беше извонредна актерка, одигра голем број улоги меѓу кои и Маргарет Флаерти (Заводникот од западниот свет, 1997); Сузана (Свадбата на Фигаро, 1998); Софија Јегоровна (Платонов, 1999); Клариса де Бисоњози (Арлекин – слуга на двајца господари, 1999); Кинегонда/ Газдарица на јавна куќа (Кандид во земјата на чудата, 2000); Ерика Брукнер (Мефисто, 2000); Маре (Тетовирани души, 2001).
Министерството за внатрешни работи официјално соопшти дека вчера околу 22,30 часот, С. М. пријавил дека во неговиот стан ја пронашол неговата сопруга Б.Б.А. (45) од Скопје, која си го одзела животот со бесење. Од страна на Итна медицинска помош е констатирана смрт. Извршен е увид, а по наредба на јавен обвинител телото е предадено на Судска медицина за обдукција.