Министерството за локална самоуправа започнува со реализација на 43 проекти во осумте плански региони во државава. Проектите со вкупна вредност од 4,7 милиони евра ќе се спроведуваат со средства од буџетската програма за рамномерен регионален развој.
Со проектите предвидено е да се решаваат локалните проблеми на општините. Од нив, 38 се инфраструктурни проекти, а пет се проекти за подготвка на техничка документација.
„На нашата држава и треба развој, но уште повеќе и треба рамномерен развој. Граѓаните од другите градови на државата доаѓаат во Скопје да бараат егзистенција или пак да добијат некоја услуга што ја немаат во својата општина. Тие граѓани би биле најзадоволни кога јавните услуги ќе можат да ги добијат во својата или во соседната општина, на исто толку квалитетен начин како и граѓаните на Скопје“, истакна министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.
Тој додаде дека во изминатите две години средствата за рамномерен регионален развој се зголемени за 100 проценти и оти тенденцијата за поттикнување на рамномерен развој ќе продолжи и во следниот период. Од владата пак, соопштија дека во насока на рамномерниот развој на регионите обезбедени се и 50 милиони евра за враќање на долговите на општините.
Најавена е и нова стратегија за следниот десетгодишен период.