Во напорите да ги елиминира стакленичките гасови, Германија отвори електрифициран автопатски систем за камиони. Електрифицираниот автопат е отворен за камиони надоградени од страна на компанијата „Сименс“, а за кои Германците се надеваат дека ќе помогнат во намалувањето на емисијата на стакленички гасови.
Е-автопатот е во форма на кабли поставени над постоен автопат кои специјално опремените камиони можат да ги користат за да црпат енергија за електричниот мотор, слично на начинот на работа на електричните возови.
Електрификацискиот систем почна да се користи на должина од 10 километри од автопатот, што им овозможува на камионџиите чии возила ја имаат потребната опрема монтирана на покривот да ги користат каблите за да патуваат со брзина до 90 километри на час без да мора да горат дизел-гориво. Возилата можат да се вратат на дизелот откако ќе го поминат електрифицираниот дел.
Од „Сименс“ сметаат дека нивниот систем е идеален за области каде што железниците не се практични, но каде што има постојна патна инфраструктура која може да се електрифицира со користење на нивниот систем.
Од „Сименс“ велат и дека операторите со камиони можат да заштедат 20.000 евра на 100.000 километри на трошоци за гориво ако го користат нивниот систем, а тука секако е и намалувањето на емисиите на стакленички гасови.