Филозофски Филмски Фестивал караван 2019 – „Бадју“ на гости во Прилеп

По петти пат во Прилеп се организира гостување на „Караванот на Филозофскиот Филмски Фестивал“. Настанот ќе се одржи утре во Градската библиотека „Борка Талески“ од 19 до 22 часот. Овој пат на програмското мени е проекција на документарниот филм „Бадју“. Од неформалното прилепско филозофско здружение истакнуваат дека овој документарец е во духот на критичката мисла, токму она што постојано ни недостига нас како општеството.

 

И оваа година, како резултат на искрената соработка базирана на веќе големо пријателство и дружба меѓу неформалното прилепско филозофско здружение, истовремено и прв македонски филозофски портал, „Акиндин“, сајт кој моментално не е активен поради реконструкција на истиот, но набрзо ќе биде повторно достапен, и Филозофски Филмски Фестивал / Philosophical Film Festival – овој пат збогатена со прогресивниот, креативен дух и дружељубивоста на Јавен простор Прилеп, по петти пат во Прилеп се организира гостување на „Караванот на Филозофскиот Филмски Фестивал“, велат од неформалното прилепско филозофско здружение.

 

Фридрих Ниче има напишано дека секоја филозофија е секогаш биографија на мислителот. Животот на Ален Бадју (Alain Badiou) покажува дека и спротивното може да биде вистина. Од неговото раѓање во Мароко, преку настаните од мај 1968 г. во Париз, до неговите доцни години како ангажиран интелектуалец и филозоф, биографијата на Бадју можеби е неговото најкомплексно и најпредизвикувачко дело досега.

 

Преку еден интимен и филозофски портрет, режисерите Горав и Рохан Калјан го создадоа првиот долгометражен документарен филм за еден од најпознатите современи филозофи денес, повикувајќи нè да мислиме со, а не само за Бадју. Адресирајќи ги контрадикциите во животот на Бадју преку филмот, режисерите се соочуваат со инхерентните контрадикторности на филмот како таков: мисла и акција, внатрешност и надворешност, присуство и отсуство. За да внесат нишка на емпатија, јасност и критика во нивната комплексна тема, тие мора да постават едно прашање, старо колку и самиот медиум: Може ли филмот да мисли?

 

Филмот беше дел од Официјалната селекција на Меѓународниот филмски фестивал Јихлава во Чешка (2018) и CPH:DOX во Данска (2019).

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи