Организацијата на Обединетите нации за заштита на светското културно наследство, УНЕСКО, во својот најнов извештај препорачува Охрид и регионот да бидат ставени на листата на загрозено светско наследство. Од УНЕСКО бараат да се прогласи мораториум на секакви урбани трансформации на брегот на езерото, но и на каква било урбанистичка трансформација.
Причина за тоа е недоволниот напредок до решавањето на проблемите во животната средина, земајќи ги предвид постојаните закани и големите градежни проекти во градот и неговата околина.
Ваквата реакција доаѓа по низата платформи на кафетериите што се навлезени во езерото, најавите за градење на Галичица, хотелот во Лагадин, кој се гради на самиот брег, но и градбите во целиот регион, кој е заштитено богатство.
„Да се процени влијанието на нелегалните градби во заштитеното подрачје, а да се срушат сите оние што претставуваат опасност“, заклучува УНЕСКО во последниот извештај.