ВИДЕО – Еурокомпозитовци повторно на протест : „Власта бесрамно не лажи 2 години“

Не престанува голготата на поранешните вработени во „Еурокомпозит“. Денеска повторно излегоа на протест и ја обвинија власта дека бесрамно 2 години ги лажела. Немало ништо и од најновото ветување дека по изборите ќе ги добијат парите за неисплатените 18 плати и придонесите кои не им се исплатени од 2012 година. Немаат добиено пари ниту за отпремнината. Никој не сакал да се сретне со нив.

 

 

„Да започнат да работат во интерес на граѓаните, на народот, да ги решаваат проблемите, бидејќи затоа и се избрани. Се ветуваа метли, но по се изгледа сите се за метла“, рече Пеце Вељаноски, член на иницијативниот одбор.

 

„Од 40-50 мина повеќе не можеме да собериме, по се изгледа му се закануваат“, кажа Цветан Бунтески, член на иницијативниот одбор.

 

„Ова се е лага, досега се што ветија, амам ништо не исполнија“, изјави Борко Томески член на иницијативниот одбор.

 

Вицепремиерот Анѓушев ветуваше дека е веќе најден инвестирот за оваа државна компанија, но засега нема ништо од тоа. Вработените велат дека државата ги заборавила.

 

„Како за нас, за нашите пари, законот не важи, а за претседателот можи законот да важи веднаш. Да зема 100.000 денари  плата, да има телохранители, да има канцеларии, ова за сите претседатели важи, како законот за нив одма важи, а ние нашите пари не можеме да ги земеме со години“, вели Олга Јорданоска, член на иницијативниот одбор.

 

Побараа и од Антикорупциска да отвори случај за наводно префрлање на државни средства на непозната фирма во Гана каде требало да се испорачаат шлемови.

 

„Имаме сознанија дека државни пари се префрлаат во Гана, Бог знае каде, на која сметка, досега се префрлени околу 35.000 евра“, додава Вељаноски.

 

Еурокомпозитовци од понеделник најавија нови протести во Скопје пред Влада се до конечно исплаќање на сите нивни побарувања.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи