Охрид SOS: Единственото македонско УНЕСКО наследство на работ на бездна

Facebook
Twitter
Email
Print

Пред одржувањето на годишната седница на Комитетот за светско наследство, активисти на Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ во соопштение до јавноста предупредуваат дека единственото македонско УНЕСКО наследство, Охридскиот регион, е на работ на бездна.

 

Соопштението го пренесуваме во целост:

 

Во мај годинава Центарот за светско наследство објави извештај за состојбата на добратa ширум светот категоризирани како светско наследство. Меѓу нив и за единственото македонско УНЕСКО подрачје, Охридскиот регион. Извештајот е нацрт-одлука која се проследува до Комитетот на светско наследство кој го разгледува и потоа носи конечна одлука на годишната седница, која годинава ќе се одржува од 30 јуни до 10 јули во Баку, Азербејџан.

 

Центарот за светско наследство на УНЕСКО е стручно тело кое извештајот го подготвува врз основа на експертска анализа на состојбата на дадено УНЕСКО подрачје. Негови надворешни советодавни тела се ИУЦН за природно и ИКОМОС за културно наследство. Во јуни годинава ИУЦН јавно го објави својот предлог за преместување на Охридскиот Регион на Листата на природно наследство „во опасност“. Охридскиот Регион е еден од само три што ИУЦН ги утврди како загрозени врз основа на евалуација на вкупно шеесет УНЕСКО природни подрачја.

 

Нацрт-одлуката на Центарот е последниот и неотповиклив збор на овие стручни тела за дали еден локалитет или подрачје ги исполнуваат критериумите да бидат прогласени за светско наследство, избришани, или пак, да бидат преместени на Листата на светско наследство во опасност и е стручна препорака што се заснова на факти и што се очекува да биде изгласана како конечна одлука на Комитетот.

 

За разлика од Центарот, Комитетот за светско наследство е административно тело, составено од 21 претставник на земји потписнички на Конвенцијата за светско наследство кои се менуваат на 6, но најчесто, по избор на членките, на 4 години. Комитетот заседава еднаш годишно, има задача да ја спроведува Конвенцијата и носи конечна одлука за прогласување нови и за потврдување или промена на статусот на постоечките УНЕСКО добра. Низ годините евидентна е тенденцијата меѓу членовите на Комитетот да се најдат сè повеќе дипломатски избраници, а сè помалку стручњаци во областа на природното и културното наследство што за последица може да има донесување политички одлуки.

 

Оваа година Центарот препорача Охридскиот Регион да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност и Комитетот во Баку треба да одлучи дали ќе ја усвои оваа препорака.

 

Објавувањето на нацрт-одлуката на Центарот силно ја „потресе“ македонската влада која, зачудувачки изненадена од содржината, се впушти во единственото за неа логично справување со проблемите – отворено лобирање на членовите на Комитетот во Париз. Состојбата на УНЕСКО Регионот не е ништо подобра, па во истиот манир како и досега, владата на СДСМ продолжи со тактиките на лош ученик. Во овие две години од доаѓањето на Реактивната мисија на УНЕСКО она што владата успеа да го покаже е дека воопшто не ја разбира сериозноста на проблемот. Дека дилетантски се однесува со најскапоценото природно и културно наследство, надевајќи се дека ќе успее да се „исценка“ со УНЕСКО да ѝ дозволи да уништи барем малку, ако не сè.

 

Во согласност со својата претпочитана стратегија, владата двата извештаја кои минатата година ги достави до Центарот ги наполни со преувеличувања, погрешна претстава, селективен отчет, занемарување на препораките на УНЕСКО. Усвојуваше планови за изработка на план наместо да изработи инвентаризација на нелегалните градби, која излезе дека можела да ја направи за еден месец. Осумнаесет месеци основаше претпријатие „Колекторски системи“ наместо да преземе барем еден искрен чекор во насока на решавање на проблемот со нефункционалниот колектор. Дополнително, за претседателка на управниот одбор  на јавното претпријатие е ќерката на Рамиз Мерко, градоначалникот на Струга. Со секој потег целта на оваа влада ѝ беше да го „убеди“ Центарот во својата декларативна посветеност вистински да ги реши проблемите. И корнењето на палмите во пет до дванаесет требаше да надомести за неисполнувањето на најголем дел од клучните препораки на Реактивната мисија и Комитетот од 2017 г.

 

Онаму каде што беше неопходно да е темелна, владата на СДСМ беше извонредно површна. Онаму каде што беше неопходно да е професионална, беше исклучително дилетантска. Онаму каде што немаше капацитет да унапреди и заштити, своите ресурси целосно ги насочи кон создавање илузија за посветеност на заштита и унапредување. Затоа сега цела делегација водена од специјалист по односи со јавност ќе отпатува во Баку во очајнички обид да си ја поправи единицата, да моли за поправен без да црвенее образи што нè посрами сите пред светот.

 

Комитетот може да одлучи да не го стави Охридскиот Регион на Листата во опасност. Членовите на Комитетот може да донесат политичка одлука. Но, таа одлука нема да биде бесплатна. Политичките одлуки секогаш бараат нешто за возврат, а владата ќе треба да одговори што ќе вети за членовите на Комитетот да гласаат спротивно на стручното мислење на Центрот за светско наследство на УНЕСКО.

 

Ставањето на Листата на светско наследство во опасност значи дека има итна потреба од мобилизација на меѓународна акција за заштита на даденото подрачје. Тоа се случува кога државата покажала неможност да го управува подрачјето на начин кој ќе го заштити и гарантира неговиот интегритет и автентичност односно неговата „исклучителна универзална вредност.“ Меѓутоа, тоа треба да биде и пресвртна точка која ќе ги впрегне сите сили на државата, со помош на УНЕСКО и експертите да воведат коренити промени во управувањето со Охридскиот Регион.

 

За илустрација, во 2010 г. Националниот парк Еверглејдс во САД беше впишан на Листата на светско наследство во опасност по вторпат, токму по барање на САД поради неговата сериозна и континуирана деградација. Тие, исто така, поканија експерти од Центарот за светско наследство и ИУЦН да помогнат во подигање на нивото на заштита на природата на националниот парк. Пред само неколку дена, градоначалникот на Венеција побара од УНЕСКО градот да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност, токму поради алармантната состојба со крстосувачите во лагуната на градот и потребата од преземање ригорозни мерки.

 

Македонската влада мора да покаже самокритичност и зрелост и да се соочи со фактот дека состојбата на Охридскиот Регион е критична и бара итен, експертски, сеопфатен, долгорочен ангажман. И наместо да се грижи исклучиво за својот рејтинг во јавноста, да ангажира домашни експерти, а не политичари, да побара меѓународна помош и да спроведе итни корективни мерки за спречување на натамошната деградација, со што ќе обезбеди зачувување и унапредување на УНЕСКО Регионот и со што себеси ќе си гарантира заслужена поддршка од јавноста.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи