Јанева: Ниту свесно, ниту несвесно не сум ја злоупотребила положбата во СЈО

Facebook
Twitter
Email
Print

Ниту свесно ниту несвесно, не сум ја злоупотребила должноста којашто во моментов сѐ уште ја извршувам, рече во своето обраќање Специјалната јавна обвинителка во оставка, Катица Јанева, говорејќи за наводите за нејзина евентуална инволвираност во случајот „Рекет“.

 

Таа истакна дека од моментот на нејзиниот избор како специјален обвинител, професионалната биографија, приватениот живот и семејството се цел на различни озборувања, напади и обиди за нејзино инволвирање во дневно политичките препукувања на партиите.

 

Јанева изјави дека го разбира, почитува и оправдува интересот на јавноста за случајот „Рекет“, и бидејќи таа е носител на јавна и одговорна функција  мора да има целосна транспарентност, но свесно оставила подолг период да не излезе пред јавноста бидејќи не сакала да остави впечаток дека се меша во истрагата, иако воопшто не и’ било лесно да го следи јавниот линч.

 

Специјалната обвинителка потврди дека се познавала со Бојан Јовановски, првоосомничениот во случајот “Рекет”, и како што рече, не криела дека нејзиниот син работи во 1ТВ и дневно комуницирал со Бојан Јовановски заради природата на својата работа. Но додаде дека тоа не значи дека некој ја злобоупотребил нејзината службена должност за евентуално да остварува одредени привилегии или да презема незаконити дејства.

 

Досегашната шефица на СЈО потврди дека ја депонирала оставката за да овозможи политичките партии да постигнат договор за иднината на Специјалното јавно обвинителство и да нема никаков сомнеж дека таа нема начин да влијае врз случајот „Рекет“. Јанева додаде дека СЈО е поголемо од нејзината функција и било и ќе остане симбол за беспоштедна битка против организираниот криминал и корупција.

 

Сепак, медиумите не добија простор за прашања и веднаш по нејзиното обраќање, Јанева се повлече во една од канцелариите на СЈО.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи