Законот за Јавно обвинителство би можело да биде донесен до крајот на август, ако политичките субјекти во Парламентот успеат меѓусебно да се усогласат, рече претседателот на Собранието Талат Џафери, додавајќи дека Предлог-законот сѐ уште не е доставен од Владата до Собранието.
„Доколку денеска и утре законот пристигне во Собранието, на 29 јули можам да свикам седница и да помине во прво читање. Потоа во рок од седум дена од првото читање законот треба да помине и на матичната комисија, а од 26 до 30 август може да се свика седница за второ читање на законот. Но, тоа не зависи од парламентарните процедури туку од усогласеноста и консензусот меѓу политички партии кои што се претставени во Собранието. Доколку тие имаат консензус може да се обезбеди во тој рок. Ако нема консензус и месеци да седиме овде не може да се донесе законот“, кажа Џафери.
За услојување на Законот потребно е дво-третинско мнозинство во Парламентот, односно 80 пратенички гласови.