Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев и битолската градоначалничката Наташа Петровска дале исказ во Јавното обвинителството за случајот „Рекет“ во кој осомничени се Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски-Кичеец.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција информираат дека ги повикале Богоев и Петровска да дадат исказ бидејќи се смета дека можат да помогнат во натамошното утврдување на факти во предметот.
„Во текот на вчерашниот ден по телефонски повик од јавен обвинител, во обвинителството даде изјава градоначалникот на општина Карпош. Денеска беше повикана и изјава даде градоначалничката на општина Битола. Во интерес на истрагата, Обвинителството не е во можност да сподели детали околу содржината на дадените изјави. Паралелно со прибирањето на вербални докази, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во континуитет дава насоки и наредби за вршење и на други истражни дејствија“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Од Обвинителствотото велат дека вештачењата на прибраниот обемен материјал од извршените претреси е во тек, а се врши вештачење и на содржината на пронајдениот и одземен втор мобилен телефон на јавниот обвинител.