Дваесет и две години од атентатот врз претседателот Киро Глигоров

Facebook
Twitter
Email
Print

И по 22 години сеуште не е пронајден сторителот на атентатот извршен врз првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, кој се случи на 3 октомври 1995. Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди во главата.

 

Нападот беше извршен со автомобил-бомба утрото во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието на Република Македонија.

 

Во автомобил „цитроен ами 8“ биле скриени 20 килограми експлозив, кој бил активиран со далечински управувач кога возилото на Глигоров се движеше кон зградата на Собранието. Пред експлозијата службеното возило на претседателот на улицата „Македонија“ го забавило едно „фиќо“.

 

На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски.

 

До денеска останува непознато кој стоеше зад атентатот. Истражната постапка која се води против непознат сторител се уште е отворена. Истрагата за 22 години успеа да утврди само тоа дека атентатот бил добро подготвен и организиран и оти само среќна околност е што претседателот Глигоров го преживеа атентатот.

 

Во истрагата биле претресени 30.850 возила и прегледани повеќе од 15.000 објекти, легитимирани биле повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 биле претресени. МВР извршило и повеќе информативни разговори со луѓе за кои сметало дека се можни сторители на атентатот, но сите тие биле пуштени по испрашувањата.

 

Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година на 94 години.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи