Австралиските власти предупредија дека огромни шумски пожари се уште пустошат во две сојузни држави и продолжуваат да бидат закани за жителите, и покрај тоа што претходно беше известено дека „катастрофалната“ состојба се смири.
Околу 150 пожари се уште горат во Нов Јужен Велс и Квинсленд, користејќи го сувото време. Педесет куќи се уништени во НЈВ но немаше жртви, рекоа официјалните лица.
Австралиските власти наредија итна евакуација на неколку области вклучувајќи и една главна туристичка дестинација. Предупредувањето и наредба за „итна евакуација“ од највисок седми степен има во вкупно седум подрачја.
Речиси 1.500 пожарникари се на терен и се борат со шумските пожари во целата земја. Противпожарната служба соопшти дека условите се мошне опасни и оти има услови пожарникарите да не успеат наскоро да го спречат проширувањето на пожарите.