Дополнителниот заменик министер за МЗШВ, Цветан Трипуновски на првиот работен ден беше во посета во прилепското село Мало Коњари каде што пред земјоделците го презентираше неговиот план за работа и делување во министерството.
Тој пред присутните посочи дека игнорантскиот однос и проблемите кои власта на СДСМ ги имала кон земјоделците од овој крај завршувал, бидејќи сега тие добивале заштита и гаранција дека трудот ќе им бил вреднуван отсега па натаму.
„Откупот на тутунот е катастрофален и се одвива по притегнати линии, дополнително Тутунскиот Комбинат Прилеп веќе 20 дена е затворен и не врши откуп додека сезоната е во ек. Акумулацијата за наводнувавње на прилепското поле е празна, а за скоро земјоделците ќе треба да почнат со наводнувањето на земјоделските површини. Се уште не им се исплатени субвенциите за млеко и другите култури. Расте трендот на иселување на младите од овој регион, а една од причините е тоа што се уште нема одговор од страна на министерството за мерката млад земјоделец, изјави Трипуновски.
Трипуновски додаде дека лично ќе се заангажирал и ќе ги посетел сите агенции и инспекторати за да провери каде се закочени работите и зошто се доцни толку со исплатите и обврските кон земјоделците и останатите проекти.
„Овие 100 дена како технички заменски министер ќе ги искористам максимално и ќе се посветам на работата за подобрување на условите и стандардот на македонскиот земјоделец. Од денеска па до последниот ден до 12 април, јас ќе бидам постојано на терен секојдневно“, потенцираше Трипуновски.
Според Трипуновски сите манипулации и притисоци ќе биделе минато и карактеристика за владеењето на Зоран Заев и неговото опкружување, а приоритетите на идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидело враќање на достоинството на земјоделците и овозможување на реален поттик и мотив за младите земјоделци да останат во Република Македонија.