Премиерот Оливер Спасовски уште еднаш ги повика граѓаните, особено младите, да ги почитуваат целосно мерките за заштита од корона вирусот бидејќи во спротивно ги ризикуваат своите, но и животите на нивните семејства.
„Сите треба да ги почитуваме мерките на епидемилозите, бидејќи само така можеме да се заштитиме, да останем здрави, да се справиме со состојбата и да не дојде до ширење на вирусот. Јавната свест е на ниско ниво и затоа мерките се зајакнати, целосно се затворени кафаните, рестораните, моловите, кладилниците за да влијаеме на граѓаните да го сменат своето однесување“, истакна Спасовски и како пример ги наведе собирање на младите на Водно.
Спасовски истакна дека полицијата превентивно реагира, но не може секаде да стигне и затоа апелира да се пријави секое поголемо собирање луѓе и јавно да им се укаже дека со тоа го ризикуваат својот и животите на другите. Со таквото однесување, нагласи, се намалува и ефикасноста на мерките.
„Џабе е ако институците преземаат мерки, а ние сме неодговорни и доведеме до поголено ширење на вирусот“, порача Спасовски и апелира посебно до младите да останат дома и енергијата да ја насочат на кретивни начини во корист на државата и оштеството.
Тој истакна дека сите институции на државата функционираат со полн капацитет за спроведување на препораките и спречување на ширењето на вирусот.