Згрозени сме од начинот на кој поединци од власта и некои медиумски работници се обидуваат да спинуваат дека ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп ширело дискриминација и етикетирање на нашите сограѓани од ромската популација. На вчерашната прес конференција на која упативме загриженост за состојбата со корона вирусот Ковид-19 во Прилеп, ниту имаше дискриминирање, ниту пак етикетирање и омаловажување на нашите сограѓани Роми. Се вели во писмената реакција на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Реакцијата ја проследуваме во целост.
„Ромите се интегрален дел од нашето општество, наши браќа, а Прилеп е средина каде со векови се негувал соживотот, разбирањето и толеранцијата. Така било, така и ќе остане во иднина!
Она што секојдневно го потенцираме од наша страна е негрижата на власта за здравјето и безбедноста на граѓаните.
Покриени под превезот на хуманоста, општина Прилеп со градоначалникот Илија Јованоски и СДСМ со Миле Талески, свесно го загрозуваа здравјето на граѓаните во населбата Тризла, кога дозволија без следење на ниту една безбедносна и здравствена препорака да се делат пакети со продукти, а наоколу на мал простор да се собираат стотина луѓе.
Сакајќи предизборно да ја купат довербата на нашите сограѓани Роми, Јованоски и Талески ги изложија граѓаните на опасност, а целта на тоа е ништо друго, туку предизборно купување гласови и задржување на фотељите на нивните наредбодавачи на чело со Зоран Заев.
СДСМ и Јованоски се исплашени дека Ромите во Прилеп ги прочитаа нивните лаги и дека ќе ги казнат на изборите.
Нашите сограѓани Роми заслужуваат трајна поддршка, заслужуваат работни места, заслужуваат целосно обезбедување на инфраструктура. Токму тоа СДСМ им ветуваше, а не пакети со продукти кои ќе траат недеколку дена.
Ги повикуваме нашите сограѓани Роми да не потпаѓаат на ваквите лаги и манипулации, затоа што намерите на ВМРО-ДПМНЕ се насочени цврсто кон заштита на нивното здравје и во ниту еден момент да се врши етикетирање и нивно дискриминирање!“, велат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.