Kорона вирусот комплетно го уништи туризмот во Крушево. Затворени се сите хотели, ресторани, приватни сместувачки капацитети, како и сите музеи. Крушевчани велaт дека туризмот бил единставената економска гранка во градот кој сега е на колена. Ова лето меѓународните натпревари ги откажале над 2.500 параглајдеристи од целиот свет, кои биле главните туристи овие месеци. Крушевчани се надеваат дека единствено сезоната можат да ја спасат само домашните гости.
„Сите со што работат со вили, ресторани, издавање, сето е катастрофа. Параглајдеристиве што доѓаа сето е откажано, другиве туристи кој ќе доаѓа сега, ретко“, истакна Кочо Димески, жител на Крушево.
„Мртов град едноставно, слаба економија, нема многу фабрики за живот. Туристите се една од најзначајните гранки во градот“, рече Роберт Рујаноски, жител на Крушево.
„Можам да речам дека 70% од нашата заработувачка е во летниот туризам, зимскиот туризам е многу краток, годинава па и немаше снег. Големи ќе бидат загубите ако не ги привлечиме домашните туристи и ако нешто не се направи од страна на државата“, Мери Чавкароска, претседател на здружение за угостителство и туризам.
Голем дел се плашат и тоа дека може да ги затворат објектите ако не се подобри ситуацијата.
„Само со достава работиме, нема од Крушево, само од жителите не се живее, сиромашен град, половина се иселија. Ако нема од другите туристи од друго место, пола и ќе затворат“, кажа Петар Николоски, угостител.
„Се плаќа кирија, се плаќа струја, се плаќаат комуналии, приход од никаде. Јас не знам како ќе издржиме“, рече Никола Здравески, угостител.
Понесени од актуелната ситуација група млади ентузијастии од Крушево го креираа интернет сајтот weekendinkrusevo.com, каде конечно на едно место може да се најдат сите туристички информации за градот.
„Многу од тие што доаѓаат тука се жалат дека немаат доволно информации, кога работат музеите, што да пробаат, каде да се прошетаат, која тура да ја преземат. Наша цел од една страна е да ги обезбедиме тие информации и преку засилена промоција дури и да привлечиме повеќе туристи“, изјави Сотир Габелоски, неформална група на граѓани „Weekend in Krusevo“.
И од Општината велат дека годинава сите расположливи ресурси ќе ги ставеле на привлекување на домашните турсти.
„Одиме и со неколку апликации. Веб апликација на Општината, која ја работиме во соработка со Светска банка, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, потоа одиме на мобилна апликација каде што туристите ќе се насочуваат да посетат знаменитости, ресторани, сместувачки капацитети итн“, истакна Томе Христоски, градоначалник на Крушево.
Но едно е јасно, без јасна државна стратегија и без домашни туристи, ова лето туризмот во Крушево ќе живее вистински крах.