Едно од главите ветувања со кои СДСМ дојде на власт на централно и локално ниво, беше ветувањето за чист воздух и чиста животна средина. Воздухот не само што не е се исчисти во изминатите 3 години, туку состојбата драстично се влошува, а Прилеп стана еден од најзагадените градови во зимскиот период, изјави на денешната прес конференција Ирена Стерјовска Локвенец, кандидат за пратеник во четвртата изборна едница од Прилеп.
„Ветувањата на Миле Талески и Илија Јованоски за еколошки чист Прилеп останаа само зборови напишани на хартија.
Ветуваа целосна гасификација на Прилеп, а од сето тоа си направија само јавно претпријатие, иако не е изградена ниту примарната гасификациона мрежа. Ветуваа и изградба на фабрика за рециклирање на отпад и производство на биогас, покривање на коритото од Дабничка река, пошумување на ридовите околу Прилеп, подземни контејнери, како и неколку десетици микроакумулации, но денеска сме сведоци дека не реализира буквално ништо од ветеното.
За разлика од патолошките лажговци политичари од СДСМ, за идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ справувањето со загадувањето и обезбедувањето на чиста животна средина ќе биде еден од главните приоритети. Во програмата насловена како “Проект Обнова” на Македонија, предвидуваме низа мерки и проекти со конкретни рокови, кои значително ќе ја променат сликата во поглед на заштитата на животната средина и проблемот со загадениот воздух.
Ќе формираме централно инспекциско тело кое ќе има зајакнати капацитети и ингеренции на делување.
Предвидуваме засадување на 2 милиони садници годишно во руралните и планинските предели, како и 500.000 во урбаните градски средини. Секое семејство најмалку еднаш годишно ќе има можност да добие садница и да ја засади на локација по сопствен избор, во својот двор или на јавен простор. При донесувањето на урбанистичките планови ќе биде предвидено да постои најмалку 30% зеленило на ниво на маало“, изјави Стерјовска Локвенец.