Актерот во прилепскиот театар Михајло Миленкоски пред неколку дена доживеал вистинска драма и бил брутално претепан во центарот на Прилеп пред еден од поголемите маркети откако во објектот забележал лице без маска и побарал од вработените во маркетот да не пуштаат внатре граѓани кои не ја носат пропишаната заштитна опрема. Лицето го слушнало тоа, го чекало Миленкоски пред објектот и го претепал.
„Во тој момент само што тргнав да бегам, дечкото ме фати за рамо, ме тргна и осетив силна болка во левиот предел. После тоа ништо не се сеќавам, се разбудив во прилепската болница, во хируршко одделение бев сместен. Имам скршен лев синус, правоаголно со вилицата и носот, имам и потрес на мозокот“, изјави актерот Михајло Миленкоски.
Иако од тогаш поминале 10 дена Миленкоски вели дека полицијата се уште немала превземено мерки против лицието. Миленкоски вели дека е срамота во 21 век вакви насилници неказнети да се шетаат низ градот и да тепаат луѓе.
„Полицијата воопшто ништо не превзеде, мислам не добив никакаква повратна активност од сето тоа. Жално е во 21 век да имаме вакви примери на насилници кои што се чувствуваат како ова да е дивиот запад. Мислам дека треба полицијата да си преземи активности бидејќи дечкото ако има таква слобода, да мава, да тепа и да крши носови, мислам дека треба да си го смиири и да си го прибери“, вели Миленкоски.
Инаку колку е драматична ситуацијата во Прилеп со корона вирусот зборува фактот што само вчера од 15 починати на ниво на држава 6 мина беа од Прилеп, а имаше 83 нови случаи. Од почетокот на пандемијата во Прилеп се заразиле над 2600 граѓани, а починале околу 120. Градоначалникот во телефонска изјава истакна дека според него главен виновник за оваа ситуација биле неодговорните граѓани, токму затоа ќе бара воведување на поригорозни мерки за Прилеп.