Заврши САМИТ 100 во Скопје, договорена поголема соработка на земјите од ЈИЕ

Facebook
Twitter
Email
Print

Заврши 6-тиот САМИТ 100 за бизнис лидери од Југоисточна Европа, кој се одржуваше во Скопје во присуство на повеќе од 150 еминентни претставници на бизнис сектор од ЈИЕ, премиери од 4 земји и нивни делегации, делегации од ЕУ, министри и меѓународни финансиски институции и повеќе од 120 акредитирани новинари од 8 земји ширум Југоисточна Европа.

 

„Веќе на третиот ден по завршување на САМИТ 100, откако ги сумиравме впечатоците од овој значаен регионален настан, со сигурност можам да кажам дека како регион навистина имаме голем потенцијал – од производство на храна, кое само треба да се крене на едно повисоко ниво на обработка, стандардите, до енергетските потенцијали на регионот кои сѐ уште не се доволно искористени пред сѐ во обновливите извори на енергија, до туризмот и она што имаме да го понудиме на глобалниот пазар, но кое е сѐ уште на основно ниво. Навистина има многу што нѐ поврзува сите од овој регион, почнувајќи од историјата, јазикот и географската одредница, па сѐ до економијата и немам дилема дека единствен прав пат да дојдеме до максимални ефекти на овие потенцијали е токму регионалната соработка. Дополнително, од исклучителна важност е да го спречиме т.н. ‘одлив на мозоци’ и да ги искористиме предностите на дигитализацијата, со цел на некој начин да успееме да промениме сѐ“, изјави Јелена Радуловиќ, програмски директор на САМИТ 100.

 

На САМИТ100 исто така беше дискутирана и важноста на проектот „Free cargo“ кој претставува иницијатива за слободен товарен транспорт низ регионот и кој ќе овозможи проток на товарниот сообраќај без долги гранични контроли, застанување и царински формалности на државните граници, со примена на соодветните европски прописи за товарен превоз. Премиерот на Црна Гора, г-дин Душко Марковиќ, истакна дека времето што камионите го поминуваат на границите низ целиот регион се проценува на 26 милиони часови годишно, што е еквивалентно на 1% од регионалниот БДП.

 

 

Во рамките на САМИТ 100, беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу регионалната платформа САМИТ 100 и Коморскиот инвестициски форум на шест земји од Западен Балкан (WB6 CIF) – тело за регионална соработка на коморите од Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора, чија цел е да ги обедини силите од приватниот сектор во понатамошна регионална соработка, проширено со Словенија и Хрватска, која ќе резултира во подобрување на конкурентноста на целиот регион и ќе овозможи подобар животен стандард на сите луѓе од овој регион.

 

Исто така, на САМИТ 100 се најави и стартот на проектот „е-Скопје“ како продолжение на проектот „ЕДИСОН“ кој е регионален проект за електрификација на автопатиштата во регионот и има цел да обезбеди масовно прифатлива електрична мобилност во регионот преку регионално развиени решенија и да делува како иновативен центар на ЕУ.

 

Идеите и заклучоците на самиот крај на САМИТ100 беа презентирани на претседателите на Владите на Република Македонија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина кои заеднички констатираа дека ако се обезбеди поволна бизнис клима преку надминување на царинските бариери, подобрување на работата на јавната администрација, реформи во образовниот систем, изградба на инфраструктура која ќе ги поврзува, земјите од Западен Балкан – економиите на регионот, со предвиден раст од 5 отсто, ќе станат поконкурентни и ќе се обезбеди побрз влез во Европската Унија.

 

 

Свое обраќање на САМИТ100 имаше и Еврокомесарката за Транспорт, Виолета Булц која ја потенцираше важноста на оваа бизнис иницијатива и истакна дека од година в година е сè поубедена дека САМИТ 100 станува исклучително важна платформа за регионална интеграција. Таа порача дека од клучно значење за регионот е неговата интеграција во Европската Унија и дека земјите од Западен Балкан треба да го искористат излегувањето на ЕУ од кризата.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи