Експресниот пат Прилеп-Градско ќе продолжи да се гради на почетокот од идната година. Ова денеска во Прилеп го изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Изградбата на делницата Градско-Дреново сега ќе ја превземела компанијата „Штрабах“ од компанијата „Тирена Скави“ со кого Владата го раскина договорот. Изградбата пак на втората делница од оваа магистрала, Дреново-Фариш, која исто така се гради со години, ја работеше шпанската „Рубау“. Владата го раскина договор и со оваа компанија и сега изградбата и на оваа делница е во застој. Сега во тек била тендерска постапка и евалуација на понудите.
„Тендерот е распишан пред 5-6 месеци, но поради Ковид кризата, прибирањето на понудите на компаниите и флексибилноста која ја даваше ЈПДП по однос тоа да имаме комплетни документации, да може веднаш да се евалуира и да се добие изведувач доведе до тоа да веќе сме декември и сега сме пред крај на евалуацијата, но најважно за мене е сега да имаме успешен тендер и успешна тендерска постапка повеќе отколку да имаме избрзана, а при тоа да биде неуспешна“, вели Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.
Дека Пелагонија веќе со децении е слепо црево и има кактастрофална патна инфраструктура подолг период наназад предупредуваат и од стопанствениците кои велат дека освен што секоја годиина Плетвар зема многу жртви, лошиот пат им влијае и врз бизнисот. Бараат од Владата да му посвети вистинско внимание на овој регион.
„Нажалост количината на енергија време и пари која што се троши за да се помине тој пат е огромна е мислам дека е крајно време да се посветиме на клучната работа, а тоа е инфраструктурата. Инфраструктурата е основа за економско надоградување на компаниите. Количината на човечки животи кои непотребни се изгубени на таа релација е огромна е мислам дека навистина треба да му се посвети внимание на регионот. Сепак мислам дека Пелагонија е регион кој може да биде иднината на нашата земја“, истакна Ирена Јакимоска, претседател на Регионална стопанска комора – Прилеп.
Освен овие две делници ќе се прави и експресен пат од местото Ленишки мост до Прилеп, а за Прилеп – Битола според Бочварски во тек било проектирање на автопатско решение.