Во Солун на 23 октомври 1893, била основана Внатрешната Македонска Револуционерна Организација (ВМРО), со цел за извојување автономија на Македонија преку револуционерна борба.
Врвна точка на дејноста на ВМРО е организирањето на Илинденското востание во 1903 година во Македонија. Основите на Организацијата се поставени на 5 ноември 1893 година (23 октомври – според стариот календар) во куќата на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун.
На основачкиот состанок присуствуваат: Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – учител, родум од с. Смилево – Битолско, Петар Поп Арсов – учител, родум од с. Богомила – Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово – Солунско и Христо Батанџиев – учител, родум од с. Гуменџа, Ениџе Вардарско.
Основачите почнуваат да ги шират овие револуционерни идеи меѓу прогресивната младина во Солунската бугарска машка гимназија. Набргу учениците во гимназијата создаваат кружоци, конспиративни групи и др. По завршувањето одат по своите родни места и таму почнуваат да агитираат. Младите студенти и нивните професори стануваат стожерот, односно движечката сила на македонската револуција.
Емисарите вршат обиколки по селата во Македонија и Одринска Тракија и формираат месни комитети. Откако на овој начин се формирала структурата на организацијата, се започнало со процесот на создавање вооружени чети и почнале набавки на оружје по илегални канали од Бугарија и Грција