Јованоски: Дигитализација ќе биде постепена, фокусот ќе биде на интеракцијата наставник-ученик

На двете денешни средби на кои со наставници и претставници на Советите на родители од основните општински училишта „Гоце Делчев“ и „Климент Охридски“, разговаравме за новата концепција во образованието, ја расчистивме главната дилема: дигитализацијата на образовниот процес не значи целосно укинување на печатените учебници. Напротив, учениците ќе имаат право на избор на кој начин ќе ја следат наставата, објави денес на својот Фејсбук профил градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.
„Дигитализацијата ќе се спроведува етапно. Во првата година, за сите ученици од прво до трето одделение ќе има хартиени учебници. За учениците од четврто и, сукцесивно, погорните одделенија, дигиталните учебници се прва опција, но доколку учениците имаат потреба од печатен учебник, училиштето ќе му го обезбеди. За учениците со оштетен вид ќе се печатат учебници со Брајово писмо, а лектирите и понатаму ќе бидат достапни само во печатена форма.
Реформата на основното образование не предвидува учебникот да биде основно средство за едукација и совладување на наставната материја, туку фокусот да биде ставен на наставата и интеракцијата помеѓу наставникот и ученикот. Работењето на родителите со децата се намалува, а учебниците ќе им служат на учениците само за потсетување на веќе совладаната наставна материја.
За учениците од ранливите категории кои немаат можност да набават компјутери, училиштето во кое таквите ученици посетуваат настава има обврска да им обезбеди таблет компјутери, кои на учениците ќе им бидат дадени да ги користат во нивните домови.
Она што треба да се знае, е дека во работната група која го разви новиот концепт за употреба на наставни средства и дидактички материјали, учествуваа претставници од МОН, Педагошката служба, Бирото за развој на образованието, СОНК како и претставници од меѓународни институции и граѓанскиот сектор.
Денешните средби и отворените разговори уште еднаш покажаа дека само со навремено и правилно информирање, може да се спречи политизирањето на образовниот процес и организираната кампања за дезинформирање на наставниците и родителите“, напиша градоначалникот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи