На историските комисии им требало и по 20 години да дојдат до решение. А, ние во првите две години успеавме да се договориме за пет историски личности и три историски периоди и ги славиме заедно, истакнува премиерот Зоран Заев во интервју за „Фокус“.
„Историјата билатерално да се решава и за неа да разговараат експерти и историчари, иако историјата е динамична наука и секој има право на различни погледи, аргументации и докази за својата автентичност. Очекуваме одговорност и од другата стана, затоа што имаат обврска во Договорот за континуирано поддржување и помагање на РМ. Јасно кажав дека Бугарија еклатантно го крши членот 2 од Договорот. Тие секогаш искажуваат незадоволство од реализација на Договорот, но не треба да се заборави дека нашата земја помина низ референдум, промена на Уставот, а дојде и пандемијата“, вели Заев.
Тој посочува со Бугарија потпишавме дека имаме заедничка историја, но додава дека целиот Балкан има заедничка историја.
„Можам да кажам само свое мислење. Но, знам дека сум претседател на Владата со огромна одговорност и чест и знам каде се и кои се нашите црвени линии, и дека не можам ниту јас, ниту некоја друга влада, или пак, Унијата да менуваат работи кои не се дозволиви за нив да се разговара, а камоли, да се менуваат. Зборувам за нашиот идентитет и јазик. Изнајдовме креативни решенија за проблемот со името и гледате дека имаме не само пријател во јужниот сосед Грција, туку и стратешки партнер и еден од најголемите поддржувачи и инвеститори“, вели Заев.
На прашањето дали некои негови изјави дале можност на Бугарија да верува дека може да се направи ревизија на историјата, Заев реагира дека тоа не е вистина.
„Кажувате неточни констатации. Потпишавме дека имаме заедничка историја меѓу двата народа и тука да бидеме на чисто. Целиот Балкан има заедничка историја. Ние имаме наша сопствена историја, но и заедничка. Нели, османлиското ропство е заедничка историја и за нас и за Бугарија? Зарем Римското царство не го покривало целиот овој регион? Затоа денеска славиме заеднички ликови како Цар Самоил, Св.Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски. Точно и јасно знаев што кажувам и никогаш не биле моите непромислени изјави, туку биле отворени и чесни изјави“, рече Заев.