НАТО би можел да обезбеди нова регионална база за „одбрана“ на Северен Атлантик против зголемената закана од руската воена морнарица, соопшти шефот на воениот комитет на НАТО, генералот Петр Павел.
Тој во текот на неделата ќе ја претстави идејата за нова база пред министрите за одбрана на земјите-членки на Алијансата, со цел да се одлучи во која НАТО земја ќе биде лоцирана базата.
Тоа би било прво такво ширење на Северноатлантската алијанса од 2011 година.
„Доколку ги погледнеме растечките способности на земјите, како што се Русија и Кина, јасно е дека поморските комуникациски линии мора да ги штитиме“, посочи Павел.
Тој додаде дека е забележан и пораст на активностите на руската морнарица во Артикот и во северниот дел на Атлантски Океан.
Иако иницијативата за нова база е симболична, тешко дека ќе ја оживее Атлантската команда на НАТО од Студената војна, која беше распуштена во 2002 година, пишува Ројтерс.