Безбедноста на храната и правилната исхрана се основни предуслови за здравје и блaгосостојба на населението на една земја и треба да бидат интегрирани во сите политики.
На 20 декември 2018 година генералниот секретар на Собранието на Обединетите нации донесе резолуција 73/250 за прогласување на Светски ден за безбедност на храната. Почнувајќи од 2019 година, 7 јуни ќе биде ден да се означи со активности кои укажуваат на придобивките од безбедна храна, но и евентуалните пропусти и недостатоци во ланецот на безбедна храна.
Безбедната храна е од клучно значење за промоција на здравјето и елиминација на гладта, – тоа се две од главните цели на Агендата за 2030 година. Нема доволно сигурна храна без безбедност на храната. Болестите поврзани со небезбедна храна се најчесто предизвикани од бактерии, вируси, паразити или хемиски супстанции кои ги внесуваме преку контаминирана храна или вода. 600 милиони луѓе или 1 од 10 луѓе во светот се разболува заради консумaција на контаминирана храна и 420 000 умираат секоја година.
Новата европска стратегија за безбедност на храната, перспективите и предизвиците во примарното производство во поглед на безбедноста на храната, интегралната заштита на растенијата, се дел од темите на тркалезната маса што ќе се одржи денеска во организација на Агенцијата за храна и ветеринарство, под годинашното мото на Светскиот ден на безбедна храна – „Безбедна храна денес, за безбедно утре“.
На тркалезната маса ќе се дебатира и за флексибилната примена на правилата за системот за безбедност на храната низ призмата на потрошувачите и за употребата на здравствените тврдења и измамите при нивно користење, за антимикробната отпорност и за иновираната храна како предизвик на 21 век.
АХВ се приклучи на глобалната кампања за одбележување на 7 – јуни, Светскиот ден на безбедна храна.
Целта на иницијативата е подигнување на јавната свест за безбедноста на храната и информирање на јавноста за важноста од превенирање и управување со ризиците поврзани со неа, унапредување на здравјето на граѓаните, економскиот просперитет, развојот на земјоделството и пазарите.