НАСА најави две мисии на Венера – „ДаВинчи +“ и „Веритас“

НАСА најави две нови мисии на Венера наречени „ДаВинчи +“ и „Веритас“, чија цел ќе биде да ги истражат атмосферските и геолошките карактеристики на планетата.

„ДаВинчи +, кој ќе се состои од летало и сонда, ќе го измери составот на густата и топла атмосфера на Венера, што треба да им помогне на научниците да утврдат како еволуирала, а задачата на Веритас е да ја исцрта нејзината површина за да се обиде да ја разбере нејзината геолошка историја“, велат од НАСА.

Најблиската планетарна братучетка на Земјата, втора планета по оддалеченост од Сонцето, е со структура слична на Земјата, но е малку помала и многу потопла. Над непријателската површина се протега густа и токсична атмосфера составена пред се од јаглерод диоксид и облаци од сулфурна киселина. Резултатот е ефект на стаклена градина што ја пржи површината на Венера на 880 степени, доволно за да се раствори оловото. „Воздухот“ на Венера е толку густ што повеќе делува како течност отколку како гас.

Мисијата има за цел да открие зошто Венера денес изгледа како пекол, иако некогаш имала многу од карактеристиките на Земјата и можеби била првата населена планета во Сончевиот систем, со океани и клими слични на Земјата.

Овие мисии вредни околу 500 милиони долари треба да започнат во периодот помеѓу 2028 и 2030 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи