Најновото истражување поддржано од УНИЦЕФ и Британската амбасада, а реализирано од Институт „Реактор“ покажува дека оваа година учениците кои следеле онлајн настава биле многу помотивирани од лани, а самиот процес бил подобро организиран.
Според презентацијата која денес се реализираше од страна на институтот, дури 98% од анкетираните 2.792 наставници кои работеле онлајн настава, наставата ја реализирале директно на платформите за онлјан учење што е двојно поголем процент од лани кога било правено првото истражување во кое само 44% на овој начин држеле настава.
Позитивни оцени за онлајн наставата даваат анкетираните родители во истражувањето, спроведено со 1.793 родители. 55% од анкетираните родители онлајн наставата ја оценуваат со „петка“ или одлично, 25% ја оценуваат со „четворка“ или многу добро.
Само 1% од анкетираните родители ја оцениле со „единица“, односно 3% со „двојка“.
Истражувањето покажува дека перцепцијата на родителите е дека е значително подобрена онлјан настава оваа учебна година. Имено, оваа година дури 45% од анкетираните родители рекле дека не се соочиле со поголеми потешкотии во однос на организацијата на онлајн учењето на своите деца, додека лани вака одговориле само 19%.
Само 4% рекле дека организацијата на училиште била хаотична додека лани секој петти родител сметал вака и само 2% ова година рекле дека наставниците не правеле никаква проверка на знаењето во споредба со 12% кои ова го тврделе за ланската учебна година.
На прашањето „Севкупно, колку сте задоволни од поддршката што ја добиваше Вашето дете од училиштето и од наставниците додека се одвиваше учењето од дома?“ 61% од анкетираните родители рекле дека се многу или прилично задоволни што претставува значително попозитивен став споредбено со лани кога 42% го тврделе истото.
Родителите се многу задоволни и од наставниците и начинот на кој тие работеле со нивните деца. Високи 70% ги оцениле наставниците со „петка“ а дополнителни 19% проценти со „четворка“, само 3% вкупно им доделиле ниски оценки 1 или 2.