На 22 јуни 2021, вторник од 20.00 ч. во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“ ќе се одржи концерт насловен Вечер со пијано. Настапуваат пијанистите Денис Најдоски и Тамара Глигоровска.
Програма
Лудвиг Ван Бетовен – 8 Варијации на тема Валдштајн WoO 67
Франц Шуберт – Фантазија f moll D940
П. И. Чајковски – С. Рахмањинов: Свита за пијано „ Заспаната убавица “
– Интродукција / Самовилата на јоргованите
– Адаѓо
– Мачорот во чизми и белата мачка
– Панорама
– Валцер
Биографија
Денис Најдоски е млад пијанист од Прилеп каде што и го завршува основното музичко училиштево класата на проф. Михајло Стојкоски. Во 2006 година своето образование го продолжува во класата на м-г проф. Снежана Анастасова – Чадиковска во ДМБУЦ „ Илија Николовски – Луј “ Скопје, а во 2015 година дипломира со висок просек на факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на м-г проф. Рита Трпчева-Поповиќ. За време на неговото школување како солист настапува на голем број државни и меѓународни натпревари каде што освојува значајни награди и признанија, концерти во земјава и надвор од неа, како и редовно учество на семинари кај врвни пијано педагози од Македонија, Србија, Швајцарија, Словенија, Русија. Покрај солистичките настапи редовно настапува и како член на камерни состави ( дуо Пијано, Пијано трио ) од кои се издвојуваат – лауреат на државен натпревар по камерна музика, концерти на Скопско Лето, Есенски музички свечености, Прилепско културно лето. Од 2015 год работи во ООМУ „ Ордан Михајлоски – Оцка “ – Прилеп како професор по пијано и корепетиција. Неговите ученици земаат редовно учество на голем број концерти и натпревари, каде што постигнуваат значајни резултати во државата но и надвор од неа. Зема активно учество на голем број натпревари како пијано соработник ( С. Македонија, Србија, Косово, Бугарија, Грција ), а од 2019 год. е пијано соработник на реномираниот протопсалт Никодимос Кабарнос ( Грција ) каде што заедно настапуваат низ Р. Грција и Р. Романија. Во моментов ја завршува неговата специјализација по источно-црковна музика на Атинскиот конзерваториум при Атинската Архиепископија.
Тамара Глигоровска е родена 1994 година во Скопје, Р. Македонија каде завршува основно и средно образование. Своите студии ги продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Рита Трпчева Поповиќ и дипломира во 2018 година на инструменталниот оддел отсек пијано. Учествува на повеќе државни и меѓународни натпревари во Македонија и Р. Србија. По завршувањето на студиите работи како професор по пијано во приватно музичко училиште ПијаноАрт во Скопје. Настапува на многубројни концерти и фестивали меѓу кои Есенски музички свечености и Скопско лето, а исто така посетува и семинари кај еминентни професори меѓу кои Јури Кот (Украина), Жени Захариева (Бугарија), Ксавие ла Комте (Франција). Во моментов живее и работи во музичкото училиште во Охрид и ги подготвува своите мастер студии.